„Сакав море, блиску до Скопје, а да не чекам со часови на грчка граница - завршив на рајска плажа во Албанија“

На 306 километри од Скопје, на околу 3 и пол часа возење, си најдов рајска плажа.
Планирав да сум таму само 3 дена, па грчка граница не ми се чекаше ниту во лудило по 4-5 часа, какви што искуства имаа мои блиски периодов.

Во Грција бев на крајот од мај и поминав брзо, па си реков сигурно сум си ја потрошила среќата на тема граници, па не би чекала за само 2 ноќевања таму толку долго, плус со 2-годишно детенце во автомобил.

Така, на интернет пребарав каде имам наблиску и најлесно пристапно моренце и испадна Јадранско Море во Албанија.

Сум била во Дерми и Химарa (во време на затворени граници при пандемијата) и имам најубави впечатоци оттаму, од модерни бич барови со тиркизното Јонско Море до неверојатни плажи и ресорти, но за овој дел од Албанија бев скептична.
Дерми и Химара во 2020-та година
Сепак, ме дочека топло море и недогледна песочна плажа, плус бич барови со совршен амбиент.
