Тоса де Мар - најживописното место на шпанскиот брег Коста Брава, со поглед од плажа кон тврдина
Ако сакате живописни локации ова е една од најубавите на Коста Брава брегот. Позната е по погледот од плажа кон тврдината „Vila Vella“ - совршена за фотки.

Тоса де Мар (Tossa de Mar) е живописно приморско гратче со околу 6.000 жители, кое се наоѓа на североисточниот брег на Шпанија, во покраината Жирона, Каталонија.
Се наоѓа на околу 100 километри од Барселона.

Сместено е на дивиот и карпест брег Коста Брава, познат по своите убави плажи, тиркизна вода и средновековна архитектура.

Гратчето е познато по стариот град (Vila Vella), тврдината од 12 век, песочните плажи, романтичната атмосфера...

Ова е единственото крајбрежно средновековно село во Каталонија, кое ги сочувало ѕидините.
Ќе ве маѓепсаат тесните улички и прекрасниот поглед кон морето од тврдината.

Главната плажа на Тоса де Мар е „Platja Gran de Tossa de Mar“, долга и чиста плажа со златен песок.
Но, станува збор за крупнозрнест песок, а не е со ситен фин песок како на некои други плажи. Има и ситни камчиња при влез во вода.

Во гратчето има и светилник (Faro de Tosa de Mar) со фантастична глетка кон заливот.
До Тоса де Мар се стигнува со автомобил или автобус од Барселона или Жирона, а таму има голем избор на хотели, апартмани, ресторани и барови.

Други плажи во близина: Platja d’es Codolar – помала, затскриена, исто така со крупен песок и карпи и Platja Mar Menuda – уште една песочна плажа, популарна за нуркање.





С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com
