Ја посетив старата семејна куќа во с. Зрзе - ми се разбуди носталгија по летата поминати таму со баба ми и дедо ми
„Ќе отидеш до сретсело да ми наполниш вода од чешмата?“, ме прашува мајка ми. Ѝ велам дека ќе одам. Ми пиша само „фала“ и веднаш сфатив колкава емоција се разбуди кај неа што ќе ѝ однесам дел од „дома“, од детството.

Дедо ми Димче е роден во селото Зрзе, прилепско. Во куќата во која живеел со неговите браќа и сестра, се родени и мајка ми, и нејзините две сестри.
Биле деца кога се преселиле во Скопје, а куќата, како и сите останати во селото се останати заборавени и многу ретко денес таму ќе сретнете човек.
Го посетив Зрзе неодамна, на пат кон манастирот Св. Преображение. И не видов ниеден човек.
Имам впечаток дека е целосно напуштено (можеби грешам) и дека некогашното село полно со народ, денес е „село на духови“.

А во него со децении е празна и старата семејна куќа. Се наоѓа на патот кон манастирот, и мора да поминете покрај неа за да почнете да се искачувате нагоре.
Но денес е руина. Половината е падната и обрасната со дрва и ползавец. Од една страна времето си го направило своето, од друга страна ни ние, ни децата ни внуците на моите дедовци и баба (браќата и сестрата на дедо ми) не одиме таму.

Сега бев во Зрзе по скоро 5 години. И кога застанав пред куќата за момент се сетив на детството, кога баба ми и дедо ми со воз нè водеа мене и сестра ми до Прилеп, па некој од фамилијата ќе дојдеше по нас, ќе преспиевме во Костинци, а следниот ден одевме во Зрзе.
А таму, спиевме на старите железни кревети обложени со рогозина, седевме на дрвени „хоклици“, се качувавме на празни канти за сирење и држевме концерти.

Ловевме жаби во блискиот поток, ама и скакулци по полињата (повеќе сестра ми отколку јас, зашто таа е похрабра со „животинки“) и секој ден по неколкупати одевме до чешмата да наполниме вода.
Ми се стопли душата додека ја гледав куќата, иако не беше куќата која ја знам од детството.

Кога се качив на манастирот, им пратив видео на моите, а мајка ми не дочека ѝ веднаш ми се јави.
„Убаво е? Ќе поседите? Ќе пиете кафе? Помина ли покрај куќата? Не сум била 10 години, ајде да одиме летово, можеби за празникот на манастирот... Мислиш ќе можам да се искачам“, не прашува.

Им пратив и неколку фотографии, им кажав колку е убаво, зелено, мирно и спокојно горе.
„Ќе отидеш до сретсело да ми наполниш вода од чешмата?“, ми пиша мајка ми.
„Таков е планот, да ги прошетам Вероника и Желче до чешмата и да наполниме вода за дома“, вратив на пораката.
„Фала“, ми одговори со само еден збор.

Тогаш сфатив колку многу емоции има во тој збор, колкава носталгија се појави кај неа, колкава среќа затоа што дел од дома, дел од детството ќе ѝ однесам во две мали шишенца.
И, познавајќи ја, сигурна сум дека ѝ се насолзиле очите.
А до крај на годинава, ѝ ветивме со сестра ми дека ќе одиме таму сите, семејно.

Знам колкаво богатство имаме, знам и дека е греота што дозволивме да пропадне...
Но и ваква, куќата, селото, стариот орев во дворот се потсетник на минатото, и прават да ни е убаво, макар и да ги видиме во живо еднаш на неколку години.
