„Го посетив мостот кај селото Зовиќ – патот е лош, но од природната убавина и традиционална храна се воодушевив“


„Го посетив мостот кај селото Зовиќ – патот е лош, но од природната убавина и традиционална храна се воодушевив“

kameni formacii leb od furna i mostot kaj seloto zovikj mesto so porazlicen protok na vreme 7

Најпосле стигнавме до еден доста изолиран дел во Македонија. Со олеснување ги отворив вратите од автомобилот и целиот испотен, излегов надвор.

Не се дишеше. Беше претопло. Се напив неколку голтки од застоената вода, а со остатокот се измив по лицето. Ми требаше освежување под итно.

Имав чувство дека сонцето е толку блиску спуштено што буквално ќе ме спржеше секој миг. Кога малку од малку се повратив при себе се развртев наоколу. Значи, конечно моите нозе стапнаа во село Зовиќ.

Што ако тргнавме рано сабајле, кога во Зовиќ стигнавме во два напладне. Да не се лажеме, ама патот од страна на Битола е лош.

Кривини, дупки... Возиш бавно, оти не знаеш што те чека на следните сто метри. Од пола пат нагоре ми се расклумка стомакот. Сакав да изведувам некои „мајмунлаци“ – нешто во стил на стој на раце, а одвај да спиев два-три часа, плус за појадок каснав сешто, од баничка со месо до чоколадно млеко и неколку овошки. Полоша комбинација не можев да направам.

Немој да помислите дека се жалам, само хронолошки раскажувам и ве охрабрувам да се препуштите на ова авантура.

Де застани овде, де онде. Па налетуваш на камени формации што те воодушевуваат. Што друго би можел да очекуваш во Мариово?

Целото опкружување имаше посебен шмек, потсетуваше на бегство од реалноста со природна убавина од којашто те боли глава. Онака, пријатно. Премногу новости на сетилата, па во свеста ти прави каша-попара.

kameni formacii leb od furna i mostot kaj seloto zovikj mesto so porazlicen protok na vreme 1

По некои час и половина стигнавме во Зовиќ, мислам дека толку траеше патот од 50km со сите салтанати. Бев во друштво со @monikapotter, @teonamango и уште неколку супер луѓе, жедни за авантура.

Се паркиравме пред етно куќата „Кај Мостот“, тоа беше неколку недели по завршување на полицискиот час, кога секојдневниот живот навидум требаше да си го врати поранешниот образец.

Со погледот се разврткав наоколу и уште веднаш насетив дека тука времето има поразличен проток. Сè течеше бавно. Оние зајадливи мисли како да се разретчија или можеби ги истресов од себе кога пробав да стојам на раце.

kameni formacii leb od furna i mostot kaj seloto zovikj mesto so porazlicen protok na vreme 3

Имавме добро испланирана агенда. Прво следуваше ручек во етно куќата „Кај Мостот“, а потоа патувањето продолжуваше, веројатно, и сами знаете каде.

Пространиот двор и поставените маси нè потсетија колку бевме гладни. Поведени од идејата и препораките за традиционалните јадењa што ги служеа тука, се појави некоја нестрпливост штом седнавме на дрвените столови.

Наздравивме со по една чашка ракија, мезејќи од домашното мариовско овчо сирење.

kameni formacii leb od furna i mostot kaj seloto zovikj mesto so porazlicen protok na vreme 2kameni formacii leb od furna i mostot kaj seloto zovikj mesto so porazlicen protok na vreme 2

Теона асистираше при вадење на селскиот леб од фурна, Моника беше задолжена околу мазникот печен под вршник, а јас ја имав честа со едни гломазни ракавици да го донесам печеното месо со компири на нашата маса.

Се почувствував како некој врвен готвач од среден век. Беше очекувано, се прејадов. Мислам дека во следните 24 часа немав желба да ставам ниту едно залаче во уста.

go-posetiv-mostot-kaj-seloto-zovikj-patot-e-losh-no-od-prirodnata-ubavina-i-tradicionalna-hrana-se-voodusheviv-003.jpg

Пред да заминеме од етно куќата „Кај Мостот“ направивме обиколка и низ традиционално уредените соби, измислени за бегање од урбаниот хаос. Ми изгледаше како алтернатива за преноќување за некое можно патување во овој крај. Или во краен случај еден шатор може да го обезбеди тоа што е најнеопходно.

Конечно, му дојде редот на „Филмски мост“ или мостот кај селото Зовиќ. Неизбежно е да го спомнам Милчо Манчевски во овој случај.

Дедо ми на времето ми раскажуваше за неговото патување низ Мариово, па едно попладне заедно го изгледавме филмот „Прашина“ и од тогаш добив огромна желба да го посетам. Еве, после повеќе од петнаесет години ја исполнив замислата.

go-posetiv-mostot-kaj-seloto-zovikj-patot-e-losh-no-od-prirodnata-ubavina-i-tradicionalna-hrana-se-voodusheviv-002.jpg

Стоев со неверување на мостот изграден од делкани камени блокови. Пред сè фасциниран од моментот кој го засведочив со своето присуство, сета неудобност и премореност исчезнаа.

Сетилата ми се изострија. Како низ мене да поминуваше реката Градешка, а жештината на карпите ја чувствував и на своја кожа.

Никоја фотографија или филмски кадар не може да ја пренесе атмосферата, тој хронотоп на истечено време. Иселеното село кое сè уште тагува по некогашните жители. По џагорот детски, по мирисот на испечените лебови, по младоста.

Внесен во бистрите води на реката, застанав до воденицата во која поранешното население ги мелеле житариците.

Се замислив за цикличноста на животот и непостојаноста. За оние недопирливи точки кои иако ни изгледаат далеку ги чувствуваме блиску во себе. Тогаш, со чувство на благодарност се поздравив со местото и си дадов ветување дека повторно ќе се вратам тука. Еден ден во иднината.   

Автор: Евгениј Хоуп / Фото: Дино Нецевски

Би можело да ве интересира:

Низ фотки: 20 причини да го посетите Златибор во зима Златибор важи за едно од најбајковитите места во Србија, кое има многу што да по...
Зошто ноември е добар месец за патување? Нема добар или лош месец за патување. Да сме во можност, мислам дека секој од на...
„Бев во Радожда - ловев риба, се качив во црквичката во карпа и не можев да се наситам од глетката“ Од утринското кафе на цветните платформи од ресторанчињата и плажата која ја има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg