„Бев во Старата скопска чаршија, пиев турско кафе, јадев лахмаџун - таа е душата на Скопје“

Скопската чаршија е место за сè, и за шетање, и за пазарење, танцување до раните утрински часови, час по историја и враќање назад во времето, за кафе со пријателите, за ручек со семејството, гордост наша пред странците… Таа била, е и ќе остане култно место во градот.

charshijata-e-dushata-na-skopje-a-od-kale-pogledot-e-najubav-01.jpg

Рано неделно утро… Топлото време сè уште царува, а јас полека шетам низ моето омилено место во градот - Старата скопска чаршија, тивко набљудувајќи како таа се буди. Малите тесни улички се празни, капаците на дуќаните затворени, излозите го немаат оној познат сјај, мирис на свежо сварено кафе и бурек… тука-таму по некоја чаша, оставена на прозорците како нем сведок од минатата бурна ноќ.

Гледам како се буди чаршијата. Толку е мирно, без познатиот метеж, само по некој стар мајстор, кој по навика, првото кафе го пие во дуќанот!

charshijata-e-dushata-na-skopje-a-od-kale-pogledot-e-najubav-09.jpg

Златен накит кој сјае, рачно изработени филиграни кој од кој поубав, стариот саатчија и шармантниот шапкар со најубавите шешири, дуќанот за антиквитети каде чиниш времето застанало, кожените чанти во сите бои, шарените ќилими и старите јамболии, убавите магнети со мотиви од градот, природните крзна и многу, многу стари значки, големи, мали, сребрени и златни, комунистички со црвени ѕвезди.

Мал шарен свет кој во кој тешко е да се одлее на дуќанџиите кои срдечно поздравуваат. Бујрум, повели и по некој руски или англиски збор за странците.

charshijata-e-dushata-na-skopje-a-od-kale-pogledot-e-najubav-05.jpg

Но, во ова неделно утро е празно. Ме мами само аромата на турскиот чај и кафето, а јас седнувам во едно од многуте кафулиња.

Послужено во мала шолјичка со бакарни украси, со мерак и мало локумче. Прво со очи се насладуваш, а потоа со душа! Го сакам сиот тој хаос на скопската чаршија среде пазарен ден, ама ја сакам и таа тивка доба, како затишје пред бура.

Лавиринт од дуќани и заборавени занаети

Обожавам да талкам низ тој лавиринт од мали дуќанчиња, стари занаетчилници, тесната калдрма, чајџилници и бурекчилници, цркви, џамии, музеи, амами, и секако Безистенот.

Чаршијата тврдоглаво ѝ пркоси на урбанизацијата и модерното време, и гордо стои, иако понекогаш се бори со времето и штетата, но силно се држи за и на идните генерации да им ги покажи сите белези од минатото, микс на култури и религии, кујни и вкусови.

charshijata-e-dushata-na-skopje-a-od-kale-pogledot-e-najubav-04.jpg

Убавината на чаршијата и ја даваат Даут-пашиниот амам, кој сега е уметничка галерија, некогашното преноќилиште за трговци Капан ан кое денес е култно место за забави, и Сули ан кој е дом на Музејот на старата Скопска Чаршија, а каде порано, се снимаа легендарните Македонски народни приказни.

Но, срцето на чаршијата е Безистенот, од каде и таа се раѓа, некогаш збирно место на трговци од сите краишта на Македонија и подалеку, а денес збир на неодоливи кафулиња со најдобриот чај. А гордоста на чаршијата е Куршумли ан, стара моќна градба кој некогаш бил дом на големите турски сараи.

charshijata-e-dushata-na-skopje-a-od-kale-pogledot-e-najubav-02.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
Уличната уметност и шармантните мурали низ улиците на Брисел Сакам да ве прашам нешто. Дали сте љубители на улична уметност?  Сакам д...
5 грешки кои туристите ги прават во Истанбул Истанбул е голем град во кој сигурно ќе се заљубите! Но, додека го истражувате о...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg