Во дворот на Сања од битолско: „Со сопругот сами правиме декорации, во зима уживаме во стакленикот“
„Љубовта кон цвеќето ми е некако наследена од мојата мајка – како мала таа многу ги сакаше, па ги засакав и јас. Сега, со помош на мојот сопруг го имам овој двор. Голем дел од уредувањето и деталите во дворот се рачно изработени од нас двајца. Сакаме сами да создаваме уникатни работи – од декорации до мали елементи што го прават дворот поразличен и полн со душа“ - вели Сања за CRNOBELO.com која ужива во дворот и во зимските месеци.

Сања Недановска заедно со сопругот Борче и трите ќерки Наталија, Викторија и Сара, живеат во куќа во Долно Оризари, Битола.
Со сопругот тие постојано го уредуваат нивниот двор, кој е преполн со цвеќиња дури и во поладните месеци, а освен тоа, имаат и многу дрвени и рачно изработени украси како клупи, саксии, буриња, украсен бунар и многу други додатоци.

Во текот на летото речиси целото слободно време го поминуваат во својот двор, некогаш работно, некогаш за опуштање во летниковецот, но не пропуштаат прилика да уживаат и во зимското сонце, или пак скриени во стакленикот на поладно време додека се восхитуваат на глетката.


Сања за CRNOBELO.com раскажува...
„Љубовта кон уредувањето ни започна одамна, а денес дворот е местото каде што најмногу ја пронаоѓам својата мирност и радост.
Секојдневно му посветуваме време, а за време на викендите – најмногу.

Тогаш навистина уживам во грижата за цвеќињата и сите мали детали околу средувањето.
Морам да признаам дека љубовта кон цвеќето ми е некако наследена од мојата мајка – како мала таа многу ги сакаше цвеќињата и така како што јас растев, ги засакав и јас.

Сега, со помош на мојот сопруг го имам овој двор. Голем дел од ентериерот и деталите во дворот се рачно изработени од мене и мојот сопруг.
Сакаме сами да создаваме уникатни работи – од декорации до мали елементи што го прават дворот поразличен и полн со душа.

Или како што јас знам да кажам кога ќе разговараме со некој за дворчето – јас давам идеја и план, а сопругот ја реализира.

Секој агол од дворот ме исполнува на свој начин, но најмногу уживаме во летниковецот, особено во летните месеци, кога таму поминуваме прекрасни моменти со нашето семејство и пријателите.

Во овој период најмногу време поминуваме во стакленикот кој ни е посебно и драго катче.

