На гости кај водителката Александра П. Илиевска: Стан во Скопје со принт од Михаил Корубин и фокус на семејната топлина (фото)
- Детали
- сабота, 21 јуни 2025
„Најпосакувано парче во нашиот дом дури и пред тој да постои беше принт од уметничкото дело на Михаил Корубин „Touch“. Домот пред нашата ќеркичка беше чист, а сега со неа е среќен“, вели водителката Александра Пановска Илиевска за уредувањето на нејзиниот дом за CRNOBELO.com.

Александра Пановска Илиевска, едно од нашите најпрепознатливи ТВ лица, со сопругот Александар и ќерката Сара (4) живее во стан во Скопје.
Таа вели дека клучната работа за убав и среќен дом се љубовта и семејните врски кои ги градите во него.
Александра за уредувањето на домот открива за CRNOBELO.com:
„Доколку ги рангираме и разгледуваме најздравите навики, коишто може да ги поседува модерниот човек, која би била на прво место?
Во оваа дигитална доба со намален фокус и примање на информации, најздравата навика на човекот дефинитивно би требало да биде креирањето на здрава средина и дом.

Само едно место се вика дом, а јас и мојот сопруг со голема љубов го градевме нашиот дом и ден денес го надополнуваме и менуваме.

Денес, ако се вратам на денот кога започнавме да контактираме архитектонски студија и да разгледуваме што сакаме, може би променила некои работи, но дефинитивно довербата пак би им ја дала на архитектите, Перо и Филип кои од празни ѕидови направија вистински практично место за живеење.
Инаку, верувам дека секој да ја работи својата работа посветено и стручно многу работи ќе изгледаа многу различно.

Кога ќе погледнев некое парче мебел или што било наменето за дом, во салон тие изгледаат поразлично бидејќи ви се понудени во голем простор.

Топло ве советувам доколку денес започнете реновирање или градење на ваш дом, обратете се на архитект, подгответе ги нервите и од ветена до реализирана дата само дадете си подолг рок.

Од моментот кога започнавме да го градиме нашиот дом на сè околу мене гледав различно, од сè црпев инспирација и крадев идеи од секое ново посетено место.
Но, почетна точка за бои и најпосакувано парче во нашиот дом дури и пред тој да постои беше принт од уметничкото дело на Михаил Корубин „Touch“. Уметноста навистина го оплеменува просторот.
Започнавме со тоа што од интернет извадив фотографии од домови кои ми се допаѓаат со цел да дадеме насока на стилот кој сакаме да го имаме.
