На гости кај балетаните Христина и Мирослав – куќа во Скопје од 100m2, со камин и функционално уредување
- Детали
- сабота, 06 декември 2025
„Иако сме балетски пар по професија, речиси сè во домот направивме сами, идеите и реализацијата е наша, нормално имавме и помош. Моментално е декорирано за божиќните празници, сè е на свое место, но не е пренатрупано“ - вели за CRNOBELO.com балерината Христина Наќевска Митрашиновиќ.

Христина Наќевска Митрашиновиќ (29) и сопругот Мирослав Митрашиновиќ (34), двајцата балетски играчи по професија, живеат во куќа од 100m2 во скопската населба Аеродром.
Нивниот дом е минималистички и практично уреден, со доминација на дрвото по желба на Мирослав, но и кварцот, како што сакала Христина.
Периодов нивниот дом е новогодишно украсен, со голема елка и неколку минималистички украси, за да не изгледа натрупано и да остане функционално и организирано, како што посакуваат.
За уредувањето на домот, Христина за CRNOBELO.com вели:
„Иако сме балетски пар по професија, речиси сè во домот направивме сами, идеите и реализацијата е наша, нормално имавме и помош.

Пред сè сакавме домот да има наш печат, сè да ни биде практично, но удобно и топло, сопругот повеќе сакаше дрвени детали, а јас гранит или кварц, сè да биде отворено и со светли бои, така всушност некако се сложивме да вметнеме и дрво и кварц во просторот.

Добивме прекрасен отворен простор каде што се сместени кујната, дневната и трпезаријата, а на средина го поставивме каминот кој додава топлина на просторот.

Има уште две спални соби, купатило и „walk-in“ плакар којшто не е голем, меѓутоа е префункционален и супер организиран, се наоѓа во склоп на спалната соба.

Просторот е збогатен со собни растенија и всушност зелената боја му додава разиграност и свежина.

Моментално е декорирано за божиќните празници, сè е на свое место, но не е пренатрупано.
Омилено катче мене ми е кујната“.



