На гости кај Лина: Пентхаус стан во Скопје со модерна технологија на гласовни команди и бавча на покривот (фото)
- Детали
- сабота, 27 декември 2025
„Мое омилено катче е покривот... Најголема радост ми е малата бавча која стана место за пауза од секојдневието, зелена терапија и највисока концентрација на мир по метар квадратен. Има нешто навистина магично во тоа да ставиш на трпеза тиква, морков или зачин што сам си ги одгледал“, вели Лина Ламбринидис (28) за CRNOBELO.com.

Лина Ламбринидис (28), основач на мало креативно студио за маркетинг и видео продукција, со сопругот и ќеркичката живее во пентхаус стан во Скопје.
Taa го обожава својот дом, но омилено катче ѝ е градината на покривот.
За уредувањето на станот, Лина споделува за CRNOBELO.com:
„Нашиот дом е мешавина од два светови: минимализмот на сопругот (чисто, функционално, практично) и мојата љубов кон modern organic стилот со природни текстури, топлина и детали што додаваат „душа“ во просторот.

И секако, главен дизајнер е ќеркичката која има една годинка, а веќе внесува своја естетика: боја, хаос и играчки кои очигледно имаат сопствени планови за ширење низ станот.

Иако визуелно домот ни е топол и природен, зад сцената владее вистинско smart home царство.
Од светла до апарати, најголемиот дел од домот се активира преку гласовни команди или е контролирано преку телефон.

Тоа е заслуга на сопругот, кој во слободно време е домашен IT магионичар. А инаку интересно е што со сета таа технологија, дома немаме телевизор.

Паралелно со технологијата, кај нас живее и љубовта кон рачни изработки и предмети со историја.

Имаме неколку реставрирани парчиња мебел постари и од нас двајцата.
Со сопругот сами ги „спасивме“ витрината и фотелјата, и денес се вистински ѕвезди во дневната, доказ дека љубов, шмиргла и многу упорност можат да направат чуда.

Дефинитивно направивме многу грешки по пат, ама не сакавме да се збогуваме со мебел на кој може да му се даде нов живот.
