Во домот на Павлина: Куќа во Битола уредена со ретро предмети и гоблен извезен од нејзината мајка
- Детали
- сабота, 21 февруари 2026
„Посебна љубов ми се реставрираните предмети од 80-ти и 90-ти. Гоблените ми се поклон од мајка ми – едниот е првото нешто што го извезла, лустерот што беше на моите родители го реставрираше мојот сопруг, а тука е и украсниот кристал кој е редок квалитет“ – вели Павлина од Битола за CRNOBELO.com.

Павлина Штрловска (38) живее во куќа во Битола заедно со сопругот Александар и децата Михаела и Филип.
Спратот во куќата каде живеат има околу 90 метри квадратни, а е уреден од неа и сопругот, со посебна љубов и внимание кон старите предмети кои будат носталгија за детството.
Во домот преовладуваат неутрални тонови, а на повеќе места може да се најдат реставрирани предмети кои имаат посебно семејно значење.

За уредувањето, Павлина за CRNOBELO.com раскажува:
„Идејата за уредувањето на нашиот дом потекнува од мене и мојот сопруг Александар.
Од почетокот, првите распореди, туркањето на ѕидовите и распоредот на собите беше заеднички проект.
Знаевме дека сакаме бели тонови кои полесно ќе можат да се комбинираат со другите бои.
Се обидувавме што повеќе да го поедноставиме и нормално да е така комбиниран да секој дел е максимално искористен во интересот на нашите потреби.


Кога би ме прашале кој е стилот, верувајте не би можела да го дефинирам како една целина или насока. Тој е само наш стил.
Во текот на нашите животи постојано се менува уредувањето.
Основата е иста, но деталите си го прават своето - ја даваат својата топлина и енергија и токму поради нив тој ни е посебен и претставува нашето уточиште.

Мојата креативност, а вештините на мојот сопруг, кој несебично и без мака ги дава, прават сето ова да изгледа вака и да биде нашето топло место.

Морам особено да напомнам за мојата љубов кон старите предмети, особено оние од 80-тите и 90-тите кои ме потсетуваат на детството и на моите родители.
Тие ме носат во едно безгрижно време исполнето со детска игра и насмевки. Поради тоа баш тие реставрирани предмети наоѓаат посебно место во мојот дом.
Свеќникот, патката и ѕвонците од месинг кои морам да признаам ми зададоа малце поголема мака додека убаво ги исполирам бидејќи времето си го имаше направено своето.

Исто така со особено задоволство сакам да ги истакнам и предметите во мојата спална соба. Гобленот на ѕидот е поклон од мојата мајка.
Дрвената рамка со „Зимска Идила“ е исто така од неа. Токму таа е првото нешто што го извезла кога била млада. Тоа е особено драго парче на мојата наткасна кое има голема вредност за мене.


