Во викендичката на Анета Стамеска во с. Лупште, Порече: „Уживаме да готвиме на стариот шпорет на дрва во двор“
- Детали
- сабота, 11 јули 2026
„Викендичката ја почнаа моите свекор и свекрва пред 15 години. Свекорот не успеа да го дочека нејзиното завршување, но ние ја продолжуваме убавата приказна што тој ја започна. Дворот ни е полн со маточина, диво нане, кантарион, ајдучка трева“, вели Анета Стамеска (44) од Скопје за семејната викендичка во Лупште, каде оди со сопругот Трајче Стамески (51), професор на Филолошки факултет, и ќерката Ема (12).

Анета Стамеска (44) дипломиран професор по Македонска книжевност и македонски јазик, но вработена во приватен сектор, и Трајче Стамески (51) професор на Филолошки факултет живеат во Скопје, но секој слободен миг со ќерката Ема (12) го користат за да одат во викендичката во село с. Лупште, Порече.

Родителите на Трајче почнале да ја градат пред 15 години, а Трајче и Анета ја продолжуваат мисијата. Мајката на Трајче секоја година оди по 2 седмици за да бере костени таму.
Од неверојатно цвеќе до поглед од милион долари, Анета споделува зошто го обожава ова село.
Анета за CRNOBELO.com вели:
„Живееме во свет на брзина, обврски и рокови, но нашето семејство има едно место каде што сето тоа едноставно исчезнува — подалеку од градскиот хаос.
Тоа место е Лупште, мало село во Порече, сместено меѓу густите шуми и планините, со поглед кон масивот на Солунска Глава. Лежи на околу 950 метри надморска височина, а шумите го опфаќаат најголемиот дел од околината.

Фамилијарната викендичката ја почнаа моите свекор и свекрва пред петнаесетина години. Свекорот не успеа да го дочека нејзиното завршување.
Оттогаш, секое наше доаѓање во Лупште добива и една дополнителна смисла, како чувство дека ја продолжуваме убавата приказна што тој ја започна.

Свекрва ми Вера е особено поврзана со ова место. Секоја есен таа доаѓа кога ќе почнат да зреат костените и останува по две седмици.


Костенот овде има долга историја... Селото отсекогаш било познато по него и наесен оживува, зашто луѓето се враќаат за бербата, а и во најстарите куќи може да се сретне по некој човек.
Во тој период селото навистина наликува на своите најдобри години – како одново да заживува традицијата што постоела многу пред нас.



Додека секојдневието ни е поделено меѓу моите работни обврски во приватна компанија, професорските предавања на сопругот, и училишните обврски на нашата 12-годишна ќерка Ема, од 2021 година почнавме да доаѓаме почесто за викендите.


