На одмор со Бранко на Лефкада: „Си носам лежалка на плажа, во 3 години никогаш не сум начекал огромни бранови“
Покрај сите убави работи - која е една која ја сметаш за негативност на Лефкада?
Ако морам нешто да издвојам, би било возењето по тесните, кривулести патчиња додека се движиш кон некои од плажите.
Знае да биде малку предизвик, особено ако не си навикнат на такви патишта.
Но, на крај секогаш се исплати, зашто зад секоја кривина те чека поглед што ти го одзема здивот.
Тоа е дел од авантурата, и искрено, после некое време и тоа ти станува симпатично.


Каква е храната? Како готвач, што ти прави најмногу ќеф? Дали бараш рецепти за да можеш и дома да си зготвиш?
Ја обожавам морската храна – октопод на скара, каламари, свежа риба… сè што има вкус на море и лето.
Иако сум на одмор, често и сам си готвам, ми е ќеф да користам локални продукти и да си направам нешто по свој вкус.
Обавезно секогаш купувам маслиново масло од еден локалец што го среќавам кај плажата Porto Каtsiki - има најчист и свеж вкус што некогаш сум го пробал.
Не можам да замислам ниеден оброк без цацики, потпечено лепче, грчка салата со парче фета и ладно узо.
И, секако, портокалопитата која толку ми се допадна, што го побарав рецептот од локалецот – и ќе се обидам, да ја направам истата за брзо!


Како се справуваш со брановите? Колку се тие проблем за оние што пливаат послабо или за мали деца?
Од моето искуство, во последните три години, за време на моите 10-дневни престои, ниту еднаш не сум наишол на големи бранови на плажите.
И искрено, ми е малку чудно кога слушам луѓе да зборуваат дека имало многу бранови.
Можеби е среќа, но морето на Лефкада ми делува многу мирно и пријатно за пливање.
За оние што пливаат послабо или за дечиња, мислам дека нема голем проблем, особено ако се избираат позаштитени плажи или оние кои не се изложени на отворено море.
Секогаш е важно да се внимава и да се плива во придружба, но генерално Лефкада е пријателска и безбедна за семејства.


На плажа одевте со свои пешкири или плаќавтележалки? Ако плаќавте, која е цената?
На повеќето плажи најчесто одиме со свои лежалки и пешкири - сакам да си имам свој простор и удобност, без грижа за времето и местото.
Понекогаш, ако сме во некоја поголема организација или на посебна плажа, плаќаме лежалки, каде цената за две лежалки со чадор се движи од 17 до 25 евра.
Но, јас лично сакам да носам се со себе пешкир, чадор, мал фрижидер со храна и вода.
Така имам целосна слобода и не морам да се прилагодувам.
Тоа ми е најголемиот луксуз на плажа - да си имам свој свет, на своја ладовина и без брзање.


