На одмор со Илија од Скопје на Тасос: „Бев сместен во две гратчиња, траект чинеше 8€ по лице“
- Детали
- вторник, 14 јули 2026
„Морето на Тасос е прекрасно, со многу чиста и бистра вода. Она што најмногу ми остави впечаток е неговата боја. Плажите се различни, некои се со ситен песок, некои со камчиња, но генерално водата е мирна и пријатна за пливање“, вели стјуардот Илија Каниковски за CRNOBELO.com и сподели искуства од одморот на Тасос.

Илија Каниковски (34) од Скопје долги години е дел работи како стјуард во авиокомпанијата WizzAir.
Тој вели дека животното и професионално искуство што ги стекнал во авијацијата го изградиле како личност и му дале вредни лекции кои ги применува и денес, во секојдневниот живот.
Илија неодамна се врати од своето летување на грчкиот остров Тасос, од каде што носи посебни впечатоци.

А за летувањето, плажите, цените, но и неколку негови препораки, тој ни раскажа во разговорот за CRNOBELO, во нашата рубрика „На одмор со...“:
„Овој одмор решив да го поминам на Тасос, во Грција, каде што престојував десет дена. Бев сместен во Лименас и Лименарија, две прекрасни места кои, секое на свој начин, имаат посебен шарм.
Одморот ми беше одлична можност да се опуштам, да уживам во чистото море, убавите плажи и локалната храна, но и да се оддалечам од секојдневните обврски и да ги наполнам батериите. Навистина уживав во престојот и би се вратил повторно.

До Тасос патувавме со автомобил, а потоа со траект од Керамоти до островот.
Патувањето е навистина удобно и релативно брзо, а единствено подолго задржување може да има на граничниот премин, зависно од гужвата.

Што се однесува до траектот, цената изнесуваше 8 евра по лице, додека за автомобил плативме 23 евра во правец.
Самото возење со траектот трае кратко и е убаво доживување, бидејќи уште од самиот почеток можете да уживате во прекрасниот поглед кон островот.

Ова беше моја прва посета на Тасос и можам да кажам дека островот навистина ги оправда моите очекувања.
Иако досега не сум бил таму, сигурно би го посетил повторно.
Вообичаено, првиот летен одмор го бирам на некоја поблиска дестинација, каде што можам целосно да се опуштам, да ги наполнам батериите и да се подготвам за претстојната работна сезона.
