На одмор со Илија од Скопје на Тасос: „Бев сместен во две гратчиња, траект чинеше 8€ по лице“
Местата каде што бевме сместени имаат одлична атмосфера и се прилагодени за туристи.
Секое место има свое шеталиште каде што може да се ужива во вечерните часови, со многу таверни, локални продавници, барови, маркети и продавници за сувенири.

Убаво е што навечер има каде да се прошета, да се проба локална храна или едноставно да се ужива во атмосферата покрај море.
Не би рекол дека фокусот е на дискотеки, туку повеќе на опуштена летна атмосфера, добра храна, дружење и уживање во вечерните прошетки.

Морето на Тасос е прекрасно, со многу чиста и бистра вода. Она што најмногу ми остави впечаток е неговата боја.
Плажите се различни, некои се со ситен песок, некои со камчиња, но генерално водата е мирна и пријатна за пливање.

Што се однесува до цените, тие зависат од местото и плажата која ќе ја изберете.
За сет од две лежалки со чадор цените се движеа приближно од 20 до 80 евра, но во најголем дел од случаите оваа сума вклучува и консумација од барот.
Кафето се движеше околу 5-6 евра, пивото од 7 до 10 евра, додека во таверните оброк по лице најчесто беше околу 15-20 евра, зависно од изборот.

Не посетив дискотеки и клубови, туку повеќе уживав во локалната атмосфера што ја нуди островот.
Деновите најчесто поминуваа до доцна на плажа, а вечерите ги поминувавме во таверни или со пијачка покрај море.
За мене токму тоа беше вистински одмор - комбинација од море, добра храна и мирни летни вечери.

Во периодот кога бевме таму, островот веќе почна да се полни со туристи и се чувствуваше поголема раздвиженост, особено на попознатите плажи и места.
Сепак, убавината на Тасос е што нуди голем избор, има многу плажи и различни локации, па секогаш може да се најде некое помирно место каде што може да се ужива без голема гужва“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело