На одмор со Бранко на Лефкада: „Си носам лежалка на плажа, во 3 години никогаш не сум начекал огромни бранови“
Каков е погледот од врвот на островот, од барот Fly Me, од кој полетуваат со параглајдери до плажата Kathisma?
Fly Me е едно од моите омилени места на Лефкада, сместено високо на карпа во планинското село Ексантија, над ресторанот Rachi.
Од таму се отвора спектакуларен поглед на Јонското Море и западните плажи – навистина како да го гледаш целиот остров од птичја перспектива.
Барот е познат и како едно од најубавите места за да го доживееш зајдисонцето, со пријатна атмосфера каде можеш да се опуштиш со кафе, коктел и мојата омилена портокалопита.
И да, Fly Me е стартна точка за параглајдинг авантурите што завршуваат на плажата Kathisma, па додека седиш и уживаш во пијалакот, можеш да ги гледаш како летaат над морето - вистинска летна магија!
За мене, тоа е место што го спојува мирот на природата, адреналинот и најубавиот поглед што Лефкада може да го понуди.


Нуди ли добар ноќен живот Лефкада?
Лефкада има убав и опуштен ноќен живот. Во околните места како Агиос Никитас ќе најдеш мали, автентични таверни каде можеш да уживаш во вкусна храна и пијачка во пријатна атмосфера.
Ако сакаш повеќе избор, центарот на Лефкада е местото за тоа – тука има многу таверни, барови, па дури и бутици каде можеш да поминеш пријатни вечери и да заминеш со сувенир од Лефкада.
Не треба да се заборават и Нидри и Василики, кои исто така нудат одлични места за излегување, со барови и ресторани покрај морето.
Сè на сè, Лефкада нуди убав баланс помеѓу мирни вечери и поживи излегувања, во зависност од тоа што ти се сака.


Ќе се вратиш ли пак?
Дефинитивно! Лефкада е оној остров што те освојува од првиот момент и не те пушта.
Секојпат кога ќе заминам, знам дека не ми е доволно, и едвај чекам да се вратам повторно.
Неговото синило, мирисот на морето, топлината на луѓето и недопрената природа прават да се чувствуваш како дома, но со чувство на авантура и слобода.
Лефкада не е само дестинација – тоа е емоција што секогаш ќе ме повикува назад.


Повеќе фотографии во галеријата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
