На одмор со Бранко на Лефкада: „Си носам лежалка на плажа, во 3 години никогаш не сум начекал огромни бранови“
- Детали
- недела, 13 јули 2025
„Единствено негативно за Лефкада би било возењето по тесните, кривулести патчиња кон некои од плажите. Знае да биде предизвик, особено ако не си навикнат на такви патишта, но на крај се исплати, зашто те чека поглед што го одзема здивот“ - вели за CRNOBELO.com Бранко Попоски, кој третпат летуваше на овој грчки остров.

Бранко Попоски (32), познат и како CookingWithBranko на Инстаграм, неодамна се врати од своето трето летување на Лефкада - трето во четири години.
Тој вели дека ова не е негово последно патување таму, зашто, ништо не може да го замени синилото на Јонско Море, мирните селца и гратчиња, идиличните плажи и спектакуларните глетки што ги нуди островот.
А тој што еднаш бил на Лефкада, сака да се врати повторно и да ги доживее барем уште еднаш сите тие убавини.


За својата летна авантура на овој грчки остров, Бранко раскажа за CRNOBELO.com:
Неодамна беше на Лефкада. Како изгледаше твојот одмор таму?
Да, неодамна се вратив од Лефкада и уште ми се врти во глава сето тоа синило, мирисот на морето и мирот што го носи островот.
Ова ми беше третпат таму во последниве четири години и секој пат си велам: „Еве ме пак, како првпат да доаѓам.“
Сместен бев во мало гратче кое едноставно го обожавам, Агиос Никитас, на само 14km од центарот на Лефкада.
Толку е шармантно, со калдрмисани улички, таверни со чамци паркирани на 2m од масата, и плажата на два чекора.
Бев сместен на само 2km од градската плажа, но, искрено, цел остров е една огромна разгледница, па ретко кога се задржував на едно место.
Останав 10 дена, баш доволно за да се изгубиш во целиот тиркиз на морето кој секој ден дава нови нијасни, но и премалку кога ќе сфатиш колку те полни ова место.
До Лефкада патував со автомобил, патот траеше околу 7 часа, но кога ќе го здогледаш островот и ќе поминеш по мостот што го поврзува со копното и ќе се отворат сите тие нијанси на сино, знаеш дека секој километар вреди.


Зошто постојано ѝ се враќаш на Лефкада?
Лефкада е чувство. Како мирен здив после долг ден. Како оној момент кога гледаш во тиркизна вода што не ја ни замислуваш дека постои.
Постојано ѝ се враќам бидејќи таму сè дише некако полесно и после Лефкада си прероден.
Синилото таму е поинакво. Не е само боја - емоција е.
Плажите се скриени, диви, тивки... како да си открил некој свој личен рај каде времето стои.
Природата е неверојатна - планини покриени со маслинови дрвја, патишта низ зеленило кои водат до мали рибарски селца каде животот тече побавно.
Луѓето се едноставни, насмеани, љубезни, тие не брзаат - и те тераат и ти да успориш.
Храната? Ах… секоја вечера беше како мал ритуал - свежа риба, октопод на скара, домати што мирисаат на лето и едно ладно узо со цацики.
Секое јадење таму има вкус на море и љубов.
Можеби најмногу ѝ се враќам на Лефкада поради мирот што го носи и прекрасните зајдисонца.
Таму тишината не е празна - таа е полна. Со бранови, со ветер, со светлина. Со сè што ми треба, а што често го заборавам.


Која ти е најубавата плажа и зошто? А која плажа си ја видел еднаш и никогаш повеќе не би отишол (и зошто)?
Најубава ми е Avali Beach - тивка, помалку позната, со преубав поглед кон неа од барот Avali Bar и опуштена атмосфера.
Секогаш се враќам таму кога ми треба вистински мир.
А Porto Katsiki е дефинитивно највпечатлива - карпите, бојата на водата, сè изгледа нереално убаво.
Искрено, нема плажа на Лефкада на која не би се вратил. Секоја има своја убавина.
Островот е магија, и дури и најмалата, скриена плажа знае да те изненади.


