Ангела од Скопје живее во Лондон 6 години: „Многу локалци живеат во еднособни станови, а градот има преку 3.000 паркови“
Колку чини еден луксузен дом таму? А кирија за еден просечен дом? Живеат повеќе во станови или куќи?
Луксузните домови достигнуваат од милион до пет милиони фунти.
Кириите за просечен дом во Лондон се од £1.500 до £2.500. Ова се цени за еднособни станови.
Луѓето тука најчесто живеат во еднособни/двособни станови, во соби каде што ја делат куќата со други станари и секако, има луѓе што живеат во сопствени купени куќи и станови.

Лоши навики на лондончаните се…
Дефинитивно би издвоила многу нездрав појадок, грицкање чипс и редовно пиење алкохол.

Како изгледа еден ден на типичен лондонец? Се разликуваат ли од Англичаните што живеат во помалите места?
Станување наутро, појадување кроасан и кафе лате по пат до работа, ручек во попладневните часови, после работното време посета на паб или теретана/пилатес, зависи од сопствениот избор.
Англичаните во Лондон се поевропски настроени, додека Англичаните од внатрешноста велат дека можат да бидат доста различни, во зависност од тоа каде живеат (север, југ).

Колку е различен Лондон за доживување како турист и како граѓанин таму?
Лондон е огромен град, со преку 10 милиони граѓани, што дури и за тие што живеат во него, прави да се чувствуваш како турист.
Има толку неистражени места, толку опции за излегување, за шетање, за забава. Енормен избор.
Единствената разлика би била што како турист имаш малку повеќе време за да ги разгледаш сите убавини. Инаку чувството е исто, необично знам.

Најдобри навики на локалците се…
Чекање во ред, трпеливост, учтивост и почитување на закони.

Има ли многу Македонци што живеат таму? Сте имале ли контакт со некој од нив?
Има многу Македонци во Лондон, но и генерално во Англија. Некако се распределени по целата земја.
Имаме доста познаници и пријатели со кои сме често во контакт.

Каде одат локалците на одмор? Во кои земји?
Најчесто одат во Шпанија, Португалија, Грција (островите) и Турција.

