Виктор Настески, шеф на кујна на крузер: „Имам видено многу делови од светот, тешко е нешто да ме изненади, но зошто Исланд успеа?“
- Детали
- четврток, 21 август 2025
„Работата на крузер ми овозможи да имам поминато повеќе од 350 различни места, меѓу кои големи метрополи, мали села, егзотични острови и скриени природни чуда... Но, од сите тие Исланд ме воодушеви најмногу“, вели Виктор Настески од Скопје за CRNOBELO.com.

Виктор Настески од Скопје работи како шеф на кујна на крузери веќе 24 години.
Од многуте посетени земји низ светот вели дека Исланд го воодушевила најмногу, а своите авантури ги споделува и на Инстаграм.

За неодамнешната посета на Исланд тој споделува за CRNOBELO.com:
„Работата на крузер ми овозможува да го живеам она што за многумина е само сон, да патувам низ светот и да го доживувам животот од секој агол.
До ден денес, имам поминато повеќе од 350 различни места, меѓу кои големи метрополи, мали села, егзотични острови и скриени природни чуда.

И покрај тоа што секогаш сум бил љубител на тропска клима, Исланд ми приреди сосема неочекувана и длабока врска со северната природа.
Во Исланд пристигнав како дел од рутата со крузерот каде работам.


Овој патувачки циклус започна од Англија, потоа пловевме кон Белфаст (Северна Ирска), па понатаму преку Атлантикот до Исланд, каде што престојувавме неколку дена во различни пристаништа.

Оттаму продолживме кон Норвешка, па повторно назад кон Англија. Тоа е уникатна можност да ги доживееш контрастите меѓу културите и пејзажите од урбани средини до апсолутна природна тишина.

Градот кој особено ми остави впечаток е Акирејри (Akureyri), вториот по големина во Исланд, сместен во неверојатен фјорд.
Овој пат конечно имав доволно време да го прошетам убаво.


