Мартин од Скопје за патувањето во Јужна Америка: „Во Бразил пиев најубаво кафе, Мачу Пикчу во Перу е спектакуларно, Аргентинците се студени“
- Детали
- недела, 14 декември 2025
„Јужна Америка ми беше зацртана дестинација за посета од многу мал, кога беа популарни латиноамериканските серии, па овие држави и нивната култура ми станаа омилени и знаев дека еден ден ќе ги посетам“, вели Мартин, кој беше на патување во Перу, Аргентина и Бразил.

Мартин Спасевски (35) од Скопје е дипломиран филолог по англиски јазик и книжевност, но повеќе од 10 години работи со осигурување.
Страст му се патувањата, па уште од мал сакал да ја посети Јужна Америка. Оваа желба му се исполни кон крајот на ноември 2025-та, со посетата на Перу, Аргентина и Бразил.
За патувањето од соништата, Мартин раскажа во разговорот за CRNOBELO.com.

Прочитајте го целото интервју:
Зошто ја избра Јужна Америка како дестинација? Колку време го планираше патувањето и кои земји ги посети?
Јужна Америка ми беше зацртана дестинација за посета од многу мал, уште кога беа популарни латиноамериканските серии, па овие држави и нивната култура ми станаа омилени и знаев дека еден ден ќе ги посетам.
Овој пат, се одлучив да ги посетам Перу, Аргентина и Бразил, кои и покрај предупредувањата од некои луѓе и препораките на интернет дека не се баш најбезбедни за посета, ми оставија предобар впечаток и патувањето, кое беше во сопствена режија и во целост организирано од моја страна, помина во најдобар ред.

Каква беше авионската конекција? Од каде тргна за да стигнеш до Јужна Америка, т.е до првата дестинација? Колку те чинеа авионските билети?
Авионската конекција беше Скопје – Мадрид – Лима, додека сите авионски билети од ова патување чинеа некаде околу 1.800 евра.

Треба ли виза за некои од земјите, и ако да, каде се добива, колку време се чека?
За македонските граѓани не е потребна виза за патување во Перу, Аргентина и Бразил.

Какво сместување бираше - хотели, изнајмени станови... Колку се движат целите за ова во секоја земја, можеш ли да споредиш?
Поради најдобра безбедност, на ова патување одлучив да престојувам исклучиво во хотели.
Цените на хотелите варираат во однос на нивната близина до океанот или историскиот центар на градот.
На пример, цените за хотелско сместување во Рио де Жанеиро на најпознатите плажи како Копакабана, Ипанема и Леблон, кои важат како најбезбедна зона за туристи, се далеку повисоки во однос на останатите делови од градот.
Оттука, можам да заклучам дека цените за хотелско сместување беа највисоки во Бразил, а најниски во Перу.

Од сите локации, наброј ми три што ти оставија најсилен впечаток и зошто?
Најсилен впечаток ми остави Рио де Жанеиро, неговиот шарм и автентичност, преубавите и раскошни плажи, зелената природа и локалните луѓе кои се премногу гостопримливи и секогаш расположени и со позитивна енергија.
Иако Рио важи како град со висок ризик за кражби и разбојништва, заклучив дека доколку се придржуваш до основните правила за заштита и безбедност при патување во поголем град, патувањето може да помине во најдобар ред со преубави спомени и сеќавања.
Исто така убав впечаток ми остави едно од седумте светски чуда - Мачу Пичку и Куско. Куско е градот каде што морате прво да слетате за да стигнете до Мачу Пикчу.

Куско важи за неофцијален главен град на Инките и се наоѓа на околу 3.400 метри надморска височина.
Секако, поради високата надморска височина, постои ризик да се соочите со височинска болест, за која локалните жители имаат одредени домашни лекови како чај од кока и муња.
Убавината на Мачу Пикчу не може во целост да се долови на слика, а во живо е нешто спектакуларно и е прекрасно доживување.
Иако ноември важи за дождлив и непредвидлив месец, предноста за посета на Мачу Пикчу во овој период на годината е што има помалку туристи, а поради дождовите, природата околу локалитетот е уште позелена и пораскошна.
Буенос Аирес ми остави силен впечаток поради преубавата храна и вино, впечатливата архитектура која потсетува на Париз и Мадрид, како и драматичниот изглед на населбата Сан Телмо која е со колонијална архитектура и каде може да се доживее во живо аргентинското танго.

Каде ја јадеше најдобрата храна и што беше тоа? А кај пиеше најдобро кафе?
Храната беше превкусна генерално во секоја од државите што ги посетив, меѓутоа најголем впечаток ми остави севиче во Лима, Перу од каде и оригинално потекнува овој специјалитет.
Секако, најдоброто кафе го пиев во Бразил.

Што проба од локална храна, а не си го јадел никогаш претходно (и дали ти се допадна вкусот)?
Прв пат пробав феижоада, тоа е традиционален бразилски специјалитет од црн грав и разни видови на суво и свежо месо, што ми се допадна и дефинитивно би го пробал пак.

Имаше ли контакт со локалците? Какви се во однос на странците?
Локалните луѓе беа љубезни и гостопримливи генерално во секоја од државите.
Како што претходно наведов, Бразилците ми оставија впечаток како најгостопримливи, секогаш љубезни, реални и директно советуваат кои места треба да се посетат, а кои места не се безбедни за туристи и слично.
Во Перу луѓето беа слични, додека во Аргентина можев да забележам дека локалците беа малку позатворени и поладни за разлика од Перуанците и Бразилците.

