Сања Коцева за патувањето во Оман, пред војната: „Литар нафта беше 30 денари, како да сте во бајката Аладин“
- Детали
- недела, 19 април 2026
„Гледајќи ги локалците во традиционална облека, имате чувство како да сте во бајката „Аладин“, а всушност е еден обичен ден за нив. Сè изгледа беспрекорно чисто, патувавме со мало дете, пред сè ни беше најбитна безбедноста, а Оман важи за една од најбезбедните и најбогатите држави во овој дел на светот“, вели Сања Коцева за CRNOBELO.com.

Сања Коцева од Штип, по професија докторка, како дестинација за патување го избра Оман.
Оман е совршен спој на луксузот на Дубаи, шармот на Мароко и тропската убавина на Малдивите. Оваа земја важи за бисер на арапскиот свет.
Иако сè уште не е опфатен со масовен туризам, претставува дестинација вредна на посета.
Оман има околу 5,6 милиони жители, а главен град е Маскат.
Сања Коцева за ова патување споделува за CRNOBELO.com:
„До главниот град на Оман, Маскат стигнавме преку лет од Скопје-Истанбул, Истанбул-Маскат (околу 5 часа).
Го избравме месец ноември за посета на оваа земја, бидејќи најдобро време за посета е од ноември до мај, кога температурата е околу 30 степени, за разлика од летните месеци кога е доста топло.
Бидејќи патуваме со мало дете, пред сè ни беше најбитна безбедноста, а Оман важи за една од најбезбедните и најбогатите држави во овој дел на светот.
Нивната валута омански ријал важи за една од најјаките валутни на светот.
За движење низ земјата изнајмивме автомобил, бидејќи се оддалечени местата за посета, што е доста поволно, бидејќи литар нафта овде е 30 денари. Другата опција е такси.
Покрај тоа што овде во текот на целата година е топло, битно е да се знае дека локалците (мажи и жени) се поприлично покриени во нивна традиционална облека, па затоа од почит кон нив и облеката што ќе ја носите треба да ги покривате рамената, деколтето и колената.
Во костим за капење може слободно да бидете во ресортите, на базените и приватните плажи, но не и на јавните плажи, каде може и да добиете казна ако сте несоодветно облечени.
Првиот впечаток беше навистина културолошки шок.
Во Маскат нема облакодери затоа што градот свесно го чува традиционалниот изглед, па законски е ограничена висината на зградите, за да се зачува хармонијата со планините и морето.