Сања Коцева за патувањето во Оман, пред војната: „Литар нафта беше 30 денари, како да сте во бајката Аладин“
Гледајќи ги насекаде локалците во нивната традиционална облека, имате чувство како да сте во филмот „Аладин“, а всушност е еден обичен ден за нив.
Сè изгледа беспрекорно чисто, а палмите на секој чекор му даваат егзотичен шарм на градот.
Бевме сместени во хотел во главниот град Маскат. Патувањето го поделивме на денови за посета на најзначајните места и денови за релаксирање на плажа и базени во ресортите.
Места во Маскат кои не смеат да се пропуштат се Sultan Qaboos Grand Mosque, една од најубавите џамии таму, Royal Opera House, културен центар на оманската уметност, музика и балет, Mutrah Souq - еден од најстарите пазари во Маскат, место каде ве освојува ориенталната атмосфера.

Тука може да се најдат најубавите арапски парфеми, рачно изработени сувенири, омански накит, шарен текстил.
Пристаништето во Маскат е модерно и елегантно место исполнето со јахти и ресторани и прошетки покрај морето.
Секако значајни се и преубавата природа, кањоните, пустината, Wadi Shab...
Нешто што не смее да се пропушти е посета на поранешниот главен град на Оман, Низва кој со својата автентична архитектура, тврдина, пазарот и рачно изработените грниња, наликува на бајка од „1001 ноќ“.