Тања Атанасовска за патувањето во Занзибар: „Локалците ме викаа Шакира, Масаите и денес живеат во куќи од кал“
- Детали
- недела, 07 декември 2025
„Масаите своите деца ги обрежуваат на 12 години. Ако некое од нив заплаче за време на чинот, нема право да се ожени никогаш. Втора шанса за брак добива само ако успее да улови лав“, раскажува Тања Атанасовска за CRNOBELO.com.

Тања Атанасовска (44), публиката и денес ја препознава како Тања Црн и бел бумбар, по емисијата која ја водеше долги години - „Бумбар“.
Денес, таа е далеку од медиумите, а сепак работи со нив, како ПР и односи со јавност во скопска општина.
Неодамна Тања беше на патување во Занзибар, роденденски подарок од сопругот, а од каде што се врати полна со впечатоци, но и убави спомени.


За своето искуство, таа раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Зошто го избра Занзибар како дестинација? Дали отсекогаш си сакала да отидеш таму или се случи случајно?
Јас сум човек кој навистина многу сака да патува. Уште како дете имав можност многу да патувам.
Kако хорист во хорот на Запро Запров имав среќа од 13-годишна возраст да посетам далечни дестинации, како Америка, а подоцна и голем број европски земји: Белгија, Германија, Австрија, Холандија, Унгарија.
Дополнително, родителите од најрана возраст ме шетаа низ најубавите градови во Хрватска и Грција.


Кога станав доволо возрасна, патувањата низ светот ги продолжив во сопствена режија.
Во последниве неколку години мојот фокус е ставен на подалечни и поегзотични дестинации како Катар, Куба, а оваа година и Занзибар.
Идејата за Занзибар се роди токму за време на патувањето во Куба. Со групата со која патувавме, разменувавме искуства и сите беа речиси едногласни дека Занзибар е место на кое едноставно мора да се оди.
Одлуката падна уште тогаш, а ја реализиравме годинава, како подарок за мојот роденден од сопругот Стефан.
Морам да признаам дека Занзибар беше многу поинаков од тоа што го замислував, но во целост бев воодушевена.


Дали организираше сè сама или беше преку агенција? Дали ни треба виза и каква е процедурата за нејзино добивање?
На далечните патувања, некако спонтано, стекнавме навика да патуваме со агенција.
Многу е поедноставно кога некој што има искуство во таа работа ти го осмислил денот па не губиш време на планирање и истражување, бидејќи се работи за броени денови.
Во Занзибар беа 11, и мислам дека ми недостасуваа барем уште толку.
Визата се добива на лице место, на аеродром, преку многу едноставна процедура. Се пополнува формулар и се плаќа 50 долари.
Пред тоа, задолжително е онлајн да се уплати нивното здравствено осигурување од 44 долари по лице, околу една недела пред патувањето.
Без ова осигурување не може да се добие визата. Реално, сè оди брзо и повеќе е формалност.


Колку време траеше летот, од каде леташе? Дали е скапа авионската карта до Занзибар?
Ако не си подготвен долго време да седиш во авион, на овие патувања не треба ни да помислуваш.
Како што кажав, организацијата беше од страна на агенцијата, па не знам колку чини секој дел поединечно. Плативме за сè заедно, вклучително и за екскурзиите кои иако се факултативни, се она што го прави целото патување автентично и не смеат да се пропуштат.
Летот почна во 9 часот наутро во Скопје, се патуваше до Истанбул, а потоа оттаму до Занзибар.
Летот траеше вкупно 18 часа со неколку часа пауза во Истанбул.
Мене лично, патувањето ми започнува во моментот кога ќе излезам со куферот од дома, а во целата авантура ги сметам и таксито до аеродром кое редовно сме на ивица да го пропуштиме затоа што доцниме ха, ха, и аеродромите каде трошам куп пари, филмовите што си ги гледам во авион, решавањето судоку, читањето книга и секако, малку спиење, бидејќи сакам да стигнам одморена на дестинацијата.
Така беше и овој пат. Стигнавме во 3 наутро, вадевме виза на аеродромот и потоа со автобус патувавме уште два часа до хотелот „Џамбо”во Паџе, каде што се сместивме.


Каков ти беше првиот впечаток за земјата? Дали беше сè што очекуваше или беше поубаво (полошо) од тоа што си ги замислуваше?
Многу бев возбудена. Нè дочекаа мрачни земјени улички низ кои се возевме, а потоа во самиот хотел, кој беше луксузен и прекрасен имаше рецепција, изведена на маса за билијард. За почеток, би рекла, многу необично.
Наспроти немањето инфраструктура, утрото го дочекав со најубавиот пејзаж што можете да го замислите.
Палми, тиркиз... безброј змејови на синото небо кои ги управуваат насмеани Масаи облечени во нивната црвена традиционална облека. Сиромашни, но среќни луѓе и раскош од убавина.
Насекаде такси моторчиња кои се викаат бода-бода. Џагор на јазик од кој не разбрам ни слог и тишината на најубавиот Индиски Oкеан. Игри на контрасти.
„Џамбо“ е поздравот со кој те пречекува секој што ќе го сретнеш на улица. Ако се деца, тогаш почнува и песната „Хакуна Матата“, тоа е како музичка позадина на целото патување, секаде и секогаш ја слушаш, навечер се фаќаш дека и самиот си ја потпевнуваш.
„Девизата“ на Занзибарците е „поле-поле“ и значи живејте полека, без брзање.


За мене, како човек што работи како ПР, во кабинет на градоначалник веќе 13 години, ова беше шок.
Ми требаа неколку дена за да успорам со сè, пред сè со мислите. Како и секогаш, пред патувањето исчитав сè за земјата во која одам, што да очекувам, како да се спакувам...
Сепак искуството секогаш е многу лично и различно од туѓото. Добро е да се знае дека одиш во Африка, да очекуваш да видиш сиромаштија и да немаш очекувања дека ќе гледаш луксузни палати.
Но, овде ги видов досега најубавите плажи на светот, најбелиот песок, најтиркизното море и најубавите залези.
Видов што значи огромна осека и после некој ден во Паџе, како наша прва дестинација, ми беше нормално да проверувам на сајт да видам кога ќе започне плимата, па пак да можеме да пливаме.
Убаво е да се шеташ по дното на океанот, да брзаш да го видиш и да се посончаш на остров кој за неколку часа го снемува затоа што надошла плима. Навистина уникатни искуства.
Во Занзибар луѓето се многу сиромашни и живеат многу бавно. Но, природата тука е поубава од било каде. Африка е посебно искуство кое морам да го повторам.


