Тања Атанасовска за патувањето во Занзибар: „Локалците ме викаа Шакира, Масаите и денес живеат во куќи од кал“
Што сè имаше можност да видиш?
Патувањето беше поделено на два дела. Во првиот дел бевме сместени западно, во Паџе.
Како што кажав, таму имав можност да ги видам најголемите контрасти помеѓу плимите и осеките.
Заспиваш покрај океанот, се будиш и на негово место гледаш само песок и камења, на стотици метри пред очите го имаш само дното од океанот.
Со оглед на тоа што тогаш не е можно да се биде на плажа, агенцијата го има организирано тој дел од денот со екскурзии.
Па така, бевме до островот Накупенда, каде го има најбелиот песок кој го опкружува најсиното море.
Таму веднаш на плажата од мештаните добив во прегратка бебе мајмунче кое се галеше, едноставен и топол момент, кој не се заборава.
Би ја издвоила и посетата на главниот град, Стоун Таун, родното место на Фреди Меркјури, легендарниот фронтмен на Queen, каде сè уште постои куќата во која е роден, а денес е претворена во хотел.


Инаку, самиот Стоун Таун е дел од светското наследство на УНЕСКО и во целата архитектура, пазарите, кујната се чувствува мешавината на арапски, персиски, индиски и европски влијанија.
Бевме на пазарот Дарајани, во локално училиште, на фарма за зачини, ги видовме и старата тврдина и Домот на чудата - куќа на султан во која за првпат имало лифт и електрична енергија.
Многу интересен е Prison Iceland, кој е дом на стотици џиновски желки, а тука некогаш се наоѓал и нелегален пазар за робови кој функционирал и по укинување на ропството.
Посетивме и некогашен вистински затвор за робови. Во подрум во кој едвај можевме да ја подигнеме главата, видовме нивна автентична ќелија, дури и стојат и челичните окови во кои биле оковани.
Тука научив дека терминот што тука го користиме за акции за евтин шопинг - блек фрајдеј, потекнува токму од таму.
Имено, на пазарот за робови, робовите кои немало да се продадат заради болест или старост, во петок, биле на попуст.
Оттука е терминот Black Friday, кој очигледно денес сосема го користиме неетички и погрешно...


Би ги издвоила и пливањето со морски ѕвезди и еден од најфотогеничните ресторани на Занзибар, The Rock, изграден врз карпа во океанот; плажата Кае Фанк каде се чека зајдисонцето кога се пали логорски оган, а група на локални танчари започнуваат со акробации во кои, секако, е вклучена и публиката.
На крајот од сите овие екскурзии, секој ден, се враќаш во Паџе, каде те пречекуваат десетици клубови на плажа, ресторани со одлична храна.
Бевме сместени во хотелот во кој се одржуват најголемите журки, па со диџеј и програма од нивните групи играш до доцна во ноќта. Посакуваш денот да може да трае барем двојно повеќе.


Вториот дел од патувањето нè однесе на север, во Кендва. Овде плимата и осеката не се силно изразени, па ова е делот предвиден за уживање на плажа и релаксација.
Ете таму, во Кендва се најубавите плажи и залези кои постојат. Отсекогаш сум била вљубена во небото и ова за мене беше рај во вистинска смисла на зборот.
Дури ни јас, на која зборовите ѝ се главното оружје, останувам без текст и начин да ги опишам тие бои.
Едноставно седиш и уживаш. Бел песок, тиркизно море и портокалово небо... па виолетово.


Кафулиња и ресторани наредени долж целиот брег. Импровизизирани романтични ресторани под небото создадени со факели во песокот. Лулашки на кои по цел ден се сликаат насмеани туристи од целиот свет.
А околу нас, локалците кои во обид да продадат што повеќе и да се доближат до туристите, направиле продавници за сувенири со име Зара, Икеа...
Тука се и Масаите кои научиле и српски јазик поради бројните туристи од таму. И тие продаваат сувенири, но и многу сакаат да се дружат.
И во овој дел од патувањето имавме екскурзии. Покрај едрењето до лагуните на најсиното море што човечкото око може да го замисли, турата наречена Blue Safari, пловевме до делфини, го видовме островот што е во посед на Бил Гејтс, бевме во огромната дискотека Coccobello во Нунгви која е едно посебно доживување.
Од ова патување заминав и со нови пријатели. Ана, Ружица, Фросина, Ангела и Симон и Симона што ги запознав во Занзибар, но пријателството го продолживме и откако сме сите дома.


Што ти остави најсилен впечаток од местата што ги виде, а што те разочара?
Посетата на селото на Масаите е нешто што ќе го паметам цел живот. Масаите се племе кое сè уште живее во племенска заедница, со полигамија, со племенски танци...
Тие сè уште се опираат на современото живеење и живеат поинаку - како ловци, во автентични куќи кои се изградени од кал, дрво и кравји измет.
Најголемиот дел од населението во Занзибар е муслиманско.
Масаите своите деца ги обрежуваат на 12 години. Ако некое од нив заплаче за време на чинот, нема право да се ожени никогаш. Втора шанса за брак добива само ако успее да улови лав.
За време на посетата на селото ни покажаа како живеат, влеговме во нивните куќи, нè облекоа во нивната традиционална облека и нè учеа и како да користиме лак и стрела.
Нашата посета ја завршивме со традиционален Масаи танц, на кој можевме да се придружиме.


