Вирџинија од Скопје за соло-патувањето во Пуља: „Им дадов сместување на 2 девојки во неволја, се фоткав сама со статив“
- Детали
- недела, 31 мај 2026
„Идејата беше едно брзо фамилијарно бегство со мајка ми и сестра ми. Но, дента кога требаше да тргнеме, поради сплет на околности и семејна незгода, тие решија да останат во Скопје. Јас до 3 часа пред летот не знаев дали да одам, ниту бев спакувана“, вели за CRNOBELO.com Вирџинија Ристеска, која сама беше на преубаво патување во Италија.

Вирџинија Ристеска (34) од Скопје, по професија е дипломирана актерка, а нејзиниот личен животен избор е „светски патник“.
Оваа девојка со впечатлив моден стил и сина боја на косата, зрачи со ведрина, а секое свое патување го преточува во прекрасна приказна, со многу фотографии и детаљни описи на својот Инстаграм (virginija.risteska).


Во ова уживаат и нејзините следбеници, но и самата таа додека со многу страст опишува како си поминала на патувањата.
Една од тие патувачки приказни на Вирџинија е поврзана со патувањето во регионот Пуља, во Италија, на кое требала да оди семејно, со мајка ѝ и сестра ѝ, но поради незгода, тие морале да откажат на денот на поаѓање, а Вирџинија, водена од својот авантуристички дух, се спакувала и тргнала сама.


За своите соло авантури во Италија, но и како им помогнала на две девојки кои не можеле да го добијат газдата на нивното сместување, па им понудила да преспијат кај неа, зашто имало слободно место, но и за реакциите на луѓето, ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Некои патувања ги планираш со месеци, а некои се случуваат буквално за неколку дена. Ова беше едно од вторите.
Картите за Пуља ги купив од понеделник за сабота. Сместување резервирав дури во среда вечер.
Идејата беше едно брзо фамилијарно бегство со мајка ми и сестра ми.


За мене, Пуља не е ново место - пред 2 години, уште пред да ја отворат авионската линија Скопје - Бари, го прошетав цел регион „вдолж и попреку“, од Лече, преку Таранто, Алберобело, Мартина Франка, Локоротондо, Чистернино, Остуни, Бриндиси, Франкавила Фонтана, Полињано а Маре и Монополи, до Бари и Матера.


Премногу ми се допадна овој дел на Италија, но овој пат не се враќав таму заради нови локации, туку затоа што сакав со моите да доживеам дел од местата што мене ми оставиле впечаток.
Некои градови се убави првиот пат, а некои сакаш повторно да им се вратиш и да направиш нови спомени со луѓето што ти се драги.


Но, дента кога требаше да тргнеме, поради сплет на околности и семејна незгода, тие решија да останат во Скопје.
Јас до 3 часа пред летот ниту знаев дали да одам, ниту бев спакувана. Десетпати донесов одлука во текот на денот, за повторно да се предомислам.


Бев преморена од работа, ми требаше одмор, но не сакав да одам сама затоа што идејата на патувањево ми беше сосема поинаква.
На крај си го извадив ранецот, се спакував набрзина и тргнав.


