Славица со семејството патува низ светот со ограничен буџет: „Имам трикови за штедење, купувам 20l боцa вода“
- Детали
- недела, 19 јули 2026
„Јас на патувањата носам гардероба која ми е подзаборавена и неупотребена неколку години. И секогаш си носиме шишиња за повеќекратна употреба, кои си ги полниме со вода уште пред да излеземе од сместување“, вели Славица Савеска – Кењереш, која постојано патува со сопругот и двете ќерки.

Славица Савеска - Кењереш и нејзиниот сопруг се од Скопје, но преселени се во Норвешка од 2012 година. Таа е економист, а сопругот е професор по физичко образование.
Децата им се родени во Норвешка, но ги зборуваат македонскиот и норвешкиот јазик како мајчини јазици.
Тие постојано патуваат, а неодамна имаа авантура од цели 9 месеци на пат, со фокус на дестинации во Азија, а потоа и еден месец во Шпанија.
Како успеваат да патуваат толку, односно кои се нивните трикови за штедење, поразговаравме со Славица.
Славица за CRNOBELO.com открива:
Сместување
Иако делува многу едноставно со пакет понуда со лет и сместување, ние никогаш не сме патувале така.
За сместување користиме по правило Airbnb, платформа преку која изнајмуваме цел стан.
Но, неретко истиот стан може да се најде по подобра цена преку друга платформа, како на пример Booking.
Така што сопругот е тој кој го прави главното истражување на овие две платформи.
Пред да резервираме сместување, правам план за местата кои сакаме да ги посетиме.
Ако се задржуваме пократко, тогаш често ни е збирниот трошок помал, доколку платиме поскапо сместување од кое можеме да пешачиме до знаменитостите кои сакаме да ги посетиме, отколку поевтино сместување од кое мораме да фаќаме превози.
Превоз
Нешто слично е и за летови. Првенствено користиме Skyscanner, ама и неколку други пребарувачи.
Секогаш сме прилично флексибилни за да се откажеме од најбрзиот и најкомфорен лет и на сметка на тоа да добиеме поефтин лет кој ќе биде подолг, па дури и да смениме неколку летови.
Доколку пак можеме да стигнеме на дестинацијата со воз, автобус или брод, ја бираме таа опција. Подолга, но поевтина и поавантуристичка.
На дестинацијата пак, пешачиме до секое место што можеме, а кога мораме користиме градски превоз.
И ова како и за бродот наместо авион, е далеку поевтина и поавантуристичка варијанта од такси.
Интернет преку Esim
Пред патување истражуваме која ни е најповолната опција за интернет на мобилен.
Esim има да се купи од мал милион оператори. Ние нарачуваме онлајн и си го активираме кога ќе стигнеме на дестинацијата.
Така знаеме дека ќе имаме интернет со самото слетување. Ептен е практично и дааалеку поевтино отколку роаминг алтернативата со матичниот мобилен оператор.
Влезници за музеи, забавни паркови и религиозни храмови
Однапред правам листа на места кои сакаме да ги посетиме. Ако нешто е туристичка атракција, не значи дека мораме да ја видиме.
Бирам тоа што одговара на нашите интереси и секако може да се вклопи во времето кое го имаме таму.
Подобро ќе изберам два музеи за на раат да ги видиме и прошетаме, отколку четири кои ќе ги „прелетаме“ само за да можеме да кажеме дека сме биле таму.
Откако ќе ги одберам, прво гледам на официјалните страни, дали имаат некои намалени цени (најчесто кога одбележуваат јубилеи) или па во најдобар случај имаат денови во неделата или во месецот каде влезот е бесплатен.
Втората опција е да се пребараат понуди преку различни туристички оператори, а третата опција што ја гледам е дали за нив може да се најде пакети влезници кои ќе имаат и поевтина цена, отколку да се купат одвоено.
Има доста работа, ама за нас како семејство од двајца возрасни и две мали деца, не ретко е разликата 50 евра.




