Ивана од Скопје живее во швајцарско село: „Си садам растенија во двор, јадам од локални фарми, гледам зајдисонца“
- Детали
- петок, 01 мај 2026
„Ми се допаѓа што во Швајцарија никој не те прашува „А што не се мажиш?“, туку те прашуваат која марка на ѓубриво ја користиш (ха-ха). Работам како туристички водич и по хаосот на пат, обожавам кога сум сама во тишина и си работам во градината“, вели Ивана Кушлич, на која Швајцарија ѝ е дом.

Ивана Кушлич (37) од Скопје години наназад живее во Швајцарија, а од пред извесен период живее во куќа со градина во швајцарско село.
Од здрава храна од локални фарми до мир и тишина со совршени зајдисонца, таа открива зошто си го обожава својот живот таму.

Нејзината работа како туристички водич низ земјите во Европа ѝ ја дава потребната динамика, а нејзиниот двор потоа ѝ е тивкото прибежиште, кое ѝ е потребно за полнење на батериите.

Ивана ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
„Како туристички водич, мојот живот е спакуван во куфер – еден ден сум под Ајфеловата кула, а веќе следниот ги бројам водопадите низ Исланд.
Но, вистинската магија почнува кога ќе се вратам дома во моето швајцарско село.

Таму, наместо микрофон како на турите со патници, во раце земам алатка за садење цвеќе и уживам во градинарството и безбројните зајдисонца од мојот двор.

А како изгледа мојот ден? Деновите ми се екстремни – или сум опкружена со група туристи низ Европа, или сум сама во тишина со моите цвеќиња.

Кога сум дома, денот ми е свет ритуал... Прво чај со поглед на беспрекорното зеленило и планините, а потоа „терапија“ во градината.
По толку зборување, тишината во мојот двор ми е омилениот сопатник.

Радост е кога по напорна тура низ светов, ќе се вратам дома и ќе видам дека цветот што сум го посадила пораснал додека ме немало.
Тоа е мојот мир, обожавам кога ќе ја заменам одговорноста за група луѓе со грижата за мојата градина.

Животот во швајцарското село ми се допаѓа затоа што сè е толку организирано, што дури и полжавите во градината изгледа како да имаат дозвола за престој.
Редот е неверојатен - ако сакаш да бидеш невидлив и само да си ја копаш земјата, ова е местото.
