На одмор со Кристина Арнаудова на Мајорка: „Островот е пречист, но плажите не ме воодушевија“
- Детали
- сабота, 02 август 2025
„Беше полноќ кога пристигнавме и не сфативме како изгледа околината, но кога се разбудивме, погледот беше фасцинантен, како разгледница од Мајорка - секаде море и палми! Првиот впечаток за Мајорка беше ‘Вау’, за сите“ - вели за семејното летување, Кристина Арнаудова.

Кристина Арнаудова е жена со голема страст за патување, страст која, заедно со сопругот Александар, ја пренеле и на нивните два сина.
Низ годините тие честопати ја посетуваа Италија, но ова лето семејството ѝ ја исполни една од најголемите желби на Кристина - одмор на островот Мајорка.
Уште додека беа таму, таа не го криеше своето воодушевување од островот.


Преку социјалните мрежи споделуваше фотографии и ги опишуваше најневеројатните работи што ги видела, убавите чувства што ѝ ги предизвикале, но и некои мали, навидум обични моменти, поради кои, не само таа, туку целото семејство е едногласно дека би сакале да се вратат повторно и да ги видат деловите од Мајорка кои им останале неистражени.


За прекрасното летување кое ќе го памети засекогаш, но и за она што најмногу ја воодушевило на островот, а тоа е чистотата на секоја уличка, плажа, на секој агол, таа раскажа во рубриката „На одмор со...“ на CRNOBELO.com:
„Секое лето во јули одиме на патување на место на кое не сме биле дотогаш.
Идејата е да посетиме што повеќе убави места на светов, и да ги запознаеме нашите деца со разни култури, а во исто време да ни е забавно и да создаваме мигови за паметење.
Нашата желба за патување, која особено јас многу ја имам како пасија, ја пренесовме и на нашите деца, па за нив е вообичаено тоа шетање, патување со автомобил низ Европа по две недели, или пак одење по разни аеродроми и менување летови.


Ова лето одлучивме да ја посетиме Мајорка, остров кој веќе со години се спремаме да го посетиме, ама секогаш некако ја менувавме одлуката во последен момент.
Бидејќи најдов добра авионска конекција преку Рим, решивме да поминеме три дена таму, а потоа од таму да летаме за Палма, главниот град на Мајорка.


Ние го обожаваме Рим, но Максим и Матео до сега не биле, па ова ни се виде како совршен миг да ги запознаеме со нашиот омилен град.
По три многу жешки денови во Рим, многу пешачење, уживање, но и туристички метеж низ градот, летнавме за Палма.


Македонија нема конекција за Мајорка, но затоа сите европски поголеми градови имаат, а некои и неколку лета дневно (со оглед на тоа дека островот е многу популарен за летување), па не беше тешко да се најде лет.
Цената на летовите до Палма и од таму до некој од градовите е многу ниска, може да се најде и за 10 до 40 евра во еден правец, и навистина може да се букира евтин лет и да се стигне таму со мал буџет.
Единствено летовите за враќање до Скопје се секогаш поскапи, и потешко е да се најдат евтини карти. Но ако се букира на пример 5 месеци однапред, цените се навистина многу ниски.


Хотелите и сместувањата на Мајорка, наспроти мислењето на јавноста, се релативно евтини.
На пример, лесно се наоѓа хотел или апарт хотел со прекрасен појадок за 4-члено семејство за 8 дена по цена од 100 до 150 евра дневно.
Ако се букира 8-9 месеци однапред цените се навистина многу ниски. Зборуваме за хотели кои се во непосредна близина на плажи и кои се навистина предобри.


