На одмор со Кристина Арнаудова на Мајорка: „Островот е пречист, но плажите не ме воодушевија“
Се сместивме во место кое се вика Кала Пи и е на околу 30 минути од Палма и аеродромот. Веднаш на аеродром го земавме нашиот рентакар и тргнавме кон хотелот.
Бидејќи беше полноќ не сфативме како изгледа околината, но затоа кога се разбудивме, погледот околу нас беше фасцинантен.
Како разгледница од Мајорка - секаде околу нас море и палми!


Резервиравме за 8 дена, што мислев дека ќе биде доволно за да се прошета островот, ама на крај излезе дека требаа барем уште 8 дена за да се прошета целиот остров, без тензија и на раат.
Инаку, букиравме непосредно пред тргнување, бидејќи бевме неодлучни каде да се сместиме, во кој дел од Мајорка, која е поделена на делови за журка каде се пие од утро до мрак и мирни делови за семеен одмор, па сместувањето ни беше нешто поскапо.
Одлучивме да бидеме сместени блиску до Палма, во делот каде што е помирен и близу интересните места и плажи кои сакавме да ги посетиме.


Неколку месеци претходно имавме букирано хотел веднаш до Палма, во местото кое е најмасовно посетено од туристи, Санта Понса.
Но, кога на рецензии видов дека таму најчесто се сместуваат британски и германски туристи кои од сабајле до вечер пијат и пеат по улици, и каде има огромен број клубови, во последен момент откажавме и се префрливме во Кала Пи.
Тоа можеби ни беше најдобрата одлука, па мој совет за сите кои сакаат да ја посетат Мајорка е да внимаваат каде букираат сместување, бидејќи островот има дел за журки и дел за тивок одмор, па најдобро е да не ги помешаат тие делови од островот и да се најдат каде што не би сакале.


Кала Пи, каде што бевме сместени, е едно од најпознатите места заради карактеристичната плажа која се наоѓа во длабок залив, скоро како фјорд, а до плажата има околу 200 скали.
Околу неа се високи карпи, а на една од нив се наоѓаше и хотелот каде бевме сместени.
Неверојатно живописно, и поглед од сопствена тераса која остава без здив од убавина.


Летување на Мајорка со добра организација, особено за млади парови без деца може да биде навистина многу достапно и евтино.
Секако дека има и огромен број ексклузивни хотели, и голем избор на секаков тип на сместување за сечии желби и можности.


Првиот впечаток за Мајорка беше ‘Вау’, за сите нас, особено заради живописноста, но и заради тоа што каде и да се свртиш гледаш во нешто убаво - убави вили, беспрекорни патишта, насекаде зеленило и палми.
И секаде е толку чисто, што за нас кои доаѓаме од Скопје, секогаш е шок (за жал)...
Како се менаџира еден толку голем остров, со толку многу туристи, да биде беспрекорно чист, ми останува мистерија.


Појадок имавме во хотелот (всушност апартхотел, каде собите се околу 50m2 и каде имаш еден цел стан, со кујна, перална и сè што има еден стан, плус руфтоп со лежалки, скара и неверојатен поглед на цел залив.
А потоа, скоро секој ден имавме на агенда некое место каде сакавме да одиме, плажа плус град, па секогаш ручавме некаде надвор.


Единствено нешто што е поскапо се цените на храна во ресторани.
Сè друго е со нормална цена, пијачките, лежалките се поевтини од Грција, на пример (коктел 8-12 евра, лежалки 15-19 евра комплет).


