Вирџинија од Скопје за соло-патувањето во Пуља: „Им дадов сместување на 2 девојки во неволја, се фоткав сама со статив“
Од друга страна, сосема разбирам дека не секој може и сака да се одлучи на таков чекор.
Да патуваш сам, според мене, прво треба да се сакаш и да се чувствуваш удобно со себеси.


Ама, додека не тргнеш, не можеш да знаеш дали можеш или не! Животот е краток за да чекаш било што од некој друг.
А ако чекав некој да тргне некаде со мене кога јас сакав да го видам светот, а луѓето околу мене имаа други планови, немаше никаде да отидам!


Секогаш кога одам некаде сама, со себе носам статив, па така успевам да си направам одлични фотки дури и кога нема кој да ме фотографира.
Сега е барем лесно, не треба ниту тајмер ниту ништо, скоро секој статив има bluetooth копче и во моментот кога сте подготвени само го кликате.


Нормално, не можете да го поставите стативот на најпрометната улица во градот и да очекувате дека ќе добиете слика без никој да ви влета, но затоа секогаш и секаде има мали улички без луѓе кои ја доловуваат суштината на градот.
Дури и кога сакате фотка од некоја позната локација, луѓето низ светот се веќе толку навикнати на луѓе што сами патуваат, да се претпазливи да не ви упаднат во слика кога ќе го видат поставениот статив.


Ова патување само ме потсети дека ја направив вистинската одлука и колку уживам во моите соло патувања и дека треба како порано, барем еднаш годишно да отидам некаде сама.
А од соло патувањето - уште првата вечер имав друштво. Додека чекав ред да поминам пасошка контрола, почнав муабет со една девојка во однос на новите процедури за влез во ЕУ.


Низ муабет разбрав дека дечкото од смештајот каде што требале да преспијат првата ноќ не им се јавува, и без да размислам ни секунда прашав колку девојки се и дека имам 2 слободни места во соба, можат слободно да дојдат да преспијат кај мене ако не им се јавува.


Девојката ме погледна чудно, како што верувам и јас би погледнала некој кога по два реда муабет му нуди сместување.
Но, ѝ ја објаснив ситуацијата, рече да се договори со другарка и, и следно, бевме во собата што ја имав резервирано и правевме муабет до 3-4 наутро.


