Вирџинија од Скопје за соло-патувањето во Пуља: „Им дадов сместување на 2 девојки во неволја, се фоткав сама со статив“
Следниот ден си заминаа, се сместија во нивниот „смештај“, а јас решив да го променам целиот план - наместо да шетам повторно по градови каде што веќе сум била и со оглед на тоа дека евентуално ќе се вратам во Пуља и третпат со моите, решив да го искористам убавото сончево време и скоро 30 степени со кои Бари ме пречека и да си направам мини летен одмор во пролет.


Па така, завршив на плажите во Бари, Монополи и Полињано а Маре, без никаков план како што обично тргнувам на пат, без брзање - само уживање во моментот и одење каде ќе ме одведе патот.
И воопшто не погрешив. Ја видов Пуља во едно друго светло, се бањав во тиркизното Јадранско Море, јадев морска храна и италијански специјалитети во првиот ресторан што ќе ми фатеше око.


Италијаните отсекогаш знаеле како да живеат, па иако крај на април, голем дел од нив веќе уживаа на плажите кои беа преполни со луѓе, но сепак се наоѓаа и заливчиња на кои немаше никој, па можев да уживам сама со себе.
А плажите во овој дел на Италија се нешто за што вреди специјално да се оди. Посебно вон сезона кога не се преполни со луѓе како во сезона.


И иако овојпат не го шетав цел регион, покрај плажите на Монополи и Полињано, за оние кои првпат одат, би ги издвоила и Алберобело - необично гратче од мали камени бели куќи наречени трули, заштитени од УНЕСКО кои имаат посебна приказна за тоа како и зошто се настанати.
Потоа Матера, која иако не припаѓа географски на овој регион, е неминовна денска екскурзија поради својата близина со Бари, и која за разлика од трулите во Алберобело, е горда на своите sassi - куќи изградени во самата карпа и која воодушевува со своите видиковци и магични зајдисонца.


И, се разбира Бари, градот на Свети Никола кој плени со својата автентичност и шарм и Лече - познат и како Фиренца на југот поради своите барокни цркви и архитектура.
Мал регион, а толку различен и уникатен.


За оние кои се поголеми авантуристи, топла препорака за Мартина Франка и Чистернино, двете „бели гратчиња” кои мене ми оставија најголем впечаток посебно затоа што не се толку извикани и посетени како познатиот Остуни.
А доколку некој е тука околу Божиќ - задолжителна е посетата на Локоротондо - гратчето кое ја менува идејата за тоа како се декорира за Божиќ во Италија.


Така што, доколку некој се размислува дали треба да тргне сам на пат или не, Пуља е едно од правите места каде може да се испроба, затоа што се е толку лесно за организирање и гратчињата се блиску едно до друго, што е невозможно да се погреши.
Директните летови од Скопје до Бари само дополнително ја олеснуваат работата“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
