„Сите ние како родители мора да сме вклучени за да се намали проблемот со врсничкото насилство“ - Интервју со Марија Јосифовска-Спасовска, главен оперативен директор на „Макпетрол“
- Детали
- четврток, 15 мај 2025
Врсничкото насилство како тема во Македонија до минатата година беше, на одреден начин, табу-тема. Тоа драстично се промени откако „Макпетрол“ ја отпочна кампањата „Стоп за булинг“.
Во рамки на активностите, оваа сабота, 17 мај, со почеток од 11 часот на „Школка“ во Градскиот Парк во Скопје ќе се одржи голем настан на кој ќе настапат повеќе познати имиња и ќе има програма за сите генерации.
За сите детали поврзани со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ разговаравме со Марија Јосифовска-Спасовска, Главен оперативен директор на „Макпетрол“.
Околу впечатоците за тоа што досега кампањата го постигна, таа вели:
Без да звучам нескромно, но и од мое лично име и од името на компанијата, можам да кажам дека кампањата го постигна тоа што го замисливме.
Наша главна цел беше да ја кренеме свеста во општеството за сериозноста на проблемот со врсничкото насилство и да почне гласно да се зборува на темата. Впрочем, затоа и самата кампања се вика „Крени глас”.
Навистина сметам дека кренавме глас, и децата и родителите сè повеќе и сè погласно зборуваат за проблемот, а по мене тоа е и првиот чекор кој води до решавање на проблемот.
Не очекуваме дека врсничкото насилство ќе исчезне, но колку е повисока свеста за проблемот и за последиците, и колку повеќе се зборува за истиот, се намалува можноста за ширење на таа „епидемија” наречена булинг и полесно справување со истото.
Многу компании во Македонија имаат најразлични општествено-одговорни активности, но „Макпетрол“ е веројатно првата која што со ваков обем инвестира и придонесува во решавањето на проблем што сите ги засега, особено децата.
Кои се најзначајните работи кои како компанија ги научивте откако се решивте да реализирате кампања од ваков тип?
Иако „Макпетрол“ од своето постоење важи за една од општествено најодговорните компании, успехот на оваа кампања и како истата беше прифатена од пошироката заедница ни покажа една нова димензија на општествена одговорност.
Да се биде општествено одговорен во вистинска смисла на зборот, пред сè, бара посветеност и многу љубов. На тој начин се стига до целта што е меѓу најголемите успеси на една компанија.
На нашето општество му се потребни уште повеќе кампањи за кревање јавна свест, работилници и настани, и на други теми.
Искуството изминативе две години ни покажа дека имаме прекрасно општество во кое вреди да инвестираат сите кои можат.
Децата се иднината и заслужуваат компаниите и институциите да вложуваат во нив.
„Макпетрол“ е компанија која што во својата работа има долгорочен пристап, а тоа е нешто што го применувате и во оваа кампања. Во втората фаза ги проширивте активностите и вклучивте нови елементи, како едукација за родителите.
Имајќи предвид дека и самата сте родител, зошто сметате дека тоа е важно?
Било кој проблем што е поврзан со децата не е возможно да се реши без соработка од родителите. Ако ние како родители не сме вклучени во, на пример, процесот на образование или на воспитување на нашите деца, невозможно е да очекуваме резултати.
Ниту една институција, училиште или наставник не може да го реши проблемот со врсничкото насилство без соработка од родителот, без разлика дали станува збор за дете жртва или вршител на врсничко насилство.
Работилниците опфаќаат дел каде што се зборува како да се препознае дете вршител или жртва на врсничко насилство.
Според мене, тоа е прв чекор во решавање на проблемот, а родителот е клучен фактор при препознавање на истото.
Првиот дел од кампањата „Стоп за булинг“ мошне успешно го сврте вниманието кон опасноста на проблемот со врсничкото насилство. Фокусот на вториот дел е на позитивната страна и моќта на зборовите да поттикнат и да инспирираат. Што Ве инспирира на овој начин да ја пренасочите комуникацијата?
Инспирацијата е резултат на искуството од работилниците со децата кои беа спроведени минатата учебна година, во училиштата во 26 општини кои се приклучија на кампањата.
Од страна на психологот што ги предводеше тие работилници, Деспина Стојановска, беше утврдено дека, кога се изразуваат, на децата им недостасуваат позитивни зборови и пофалби.
Во исто време, нивниот речник е богат со негативни зборови и оттука се роди идејата да ја покажеме моќта и значењето на позитивните зборови.
Децата и младите се можеби најбитниот дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“. Со тоа што во активностите вклучувате и други групи, како родителите, наставниците и стручните служби во училиштата, на одреден начин праќате порака на младите дека тие не се сами. Колку е тоа значајно, особено денес кога за новите генерации виртуелната, наместо вистинската комуникација доминира во нивните животи?
Вклучување на сите засегнати страни при справувањето со врсничко насилство е клучно при решавање на проблемот и кај дете жртва и кај дете сторител. Кај деца со овој проблем осаменоста и виртуелната комуникација можат да бидат сериозно загрозувачки и опасни.
Поддршката, покажувањето разбирање, пружањето соодветна помош од наставниците, стручните служби, а особено од родителите, сето тоа е есенцијално.
Самото чувство дека не се сами и дека ја имаат поддршката придонесува до охрабрување кај децата и полесно решавање на проблемот.
Исто така, ниту една од наведените групи (наставник, родител, стручни служби) не може самостојно да помогне во процесот.
Резултати може да има само со заедничка соработка - колку повеќе се вклучени сите засегнати страни, толку полесен е процесот за справување и за детето.
Подготовката и реализацијата на оваа обемна кампања сигурно е голем предизвик на којшто „Макпетрол“ одговори со врвен квалитет. Како на Вас лично влијаеше целиот овој процес, односно кои се предизвиците кои што би ги издвоиле како најзначајни во досегашниот тек на кампањата?
Како компанија влеговме во нешто за кое немавме претходен пример. Иако знаевме дека чекорот е вистински, секако дека имаше одредена доза несигурност како целиот проект ќе биде прифатен од заедницата.
Како најголем предизвик би ги издвоила моментите на неизвесност за тоа како секој нов материјал за кампањата ќе биде прифатен, пред сè, од децата, а потоа и од целата заедница.
Потоа, неизбежен е предизвикот дали ќе ја постигнеме целта и ќе го оправдаме трудот пред целата заедница.
Веројатно тој предизвик беше најголем за мене како иницијатор на кампањата, но посветеноста од страна на целиот тим кој беше вклучен во кампањата, љубовта кон она што го правиме и вербата беа водилка да не застанеме и да се справиме беспрекорно со сите предизвици.
Минатата година активностите од кампањата беа убаво заокружени со настан во Градскиот Парк во Скопје. Што може да очекуваме на овој план годинава, на кој начин ќе се одбележи втората фаза од „Крени глас против врсничко насилство“?
Втората фаза ќе се одбележи повторно со настан во Градскиот Парк во Скопје, овој пат на „Школка“, на 17 мај од 11 часот.
Програмата е внимателно направена да биде забавна за сите генерации. Ќе се дружиме со Боно, Пајак и Лара, Петко, нашиот драг пријател Сашко Коцев и децата од актерската школа на нашата Весна Петрушевска.
Ја користам оваа прилика да ги поканам сите кои ни даваа неизмерна поддршка изминативе две години заедно да се дружиме, да кренеме глас против врсничкото насилство и да си кажеме по некој убав, позитивен збор.
Имајќи ја предвид неколкудецениската лидерка позиција на „Макпетрол“ и долгорочниот пристап кон секој сегмент од работата, веројатно имате планови и на полето на општествената одговорност. Освен „Стоп за булинг“, што подготвувате да реализирате како поддршка на заедницата во иднина?
Знаејќи дека „Макпетрол“ отсекогаш била општествено одговорна компанија, секако дека ќе продолжиме и понатаму. Некои од планираните активности се поддршка на спортисти, уметници и настани.
Неодамна почна детската емисијата „ЛОЛ со Макпетрол“, со Сашко Коцев, на ТВ „Телма“, која е од забавен карактер за целото семејство.
Што се однесува на кампањата, моментално работиме на стратешкиот план за наредната учебна година.
Можеби ќе ја прошириме истата тема, а можеби „Макпетрол“ ќе започне со друга општествено одговорна кампања чија цел ќе биде да ја кренеме свеста во заедницата и на друга тема.
Би можело да ве интересира:





