Интервју со Марјан Георгиевски по монодрамата „Не денес“: „Времето истекува, а ние молчиме!“
- Детали
- среда, 14 мај 2025
„Сакам луѓето конечно да си го слушнат срцето. Да не чекаат. Времето ни истекува, а ние и понатаму молчиме. Тоа молчење нè чини многу“.
Во текот на викендот битолската публика имаше можност да ја проследи премиерата на монодрамата „Не денес“, авторско дело и изведба на актерот Марјан Георгиевски. Претставата се одигра во преполна сала на Центарот за култура, а реакциите на присутните беа интензивни и искрени.
Со внимателно создаден текст и изведба од која никој не може да остане рамнодушен, Георгиевски отвори теми кои одамна се присутни, но премалку се зборува за нив – загадувањето на воздухот, колективната апатија, одложувањето на одговорноста и потфатите кои што сме должни да ги направиме како општествени чинители.
„Не денес“ не нуди лесни одговори, туку поставува важни прашања и потсетува дека времето за дејствување не е бесконечно.
По претставата, разговаравме со Георгиевски за поттикот зад ова сценско дело, односот со публиката и пораката што сака да ја пренесе преку уметноста.
Како настана идејата за „Не денес“ и зошто токму Битола?
Оваа претстава не можеше да се роди никаде на друго место освен тука. Битола е мојот град – тука ми се корените, тука сум израснат, тука се луѓето што ги сакам. Но Битола не е веќе градот од моето детство. Денес, нејзиниот воздух тежи. Ја губиме битката за здив, а притоа се однесуваме како ништо да не се случува. Токму тоа ме боли. „Не денес“ е мој начин да не молчам. Да ѝ дадам глас на таа болка која ја носиме сите во градите. Да ја одразам апатијата, стравот, рамнодушноста, но и да ја разбудам надежта и желбата за промена.
Огромна благодарност им должам на „Еко-свест“, кои преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, што е финансиски поддржан од Шведска, со отворено срце ја препознаа потребата оваа приказна да се раскаже токму тука. Тие веруваа дека уметноста може да биде почетна точка за дијалог и се надевам дека токму тоа го направивме.
Сметате ли дека публиката се препозна себе си во претставата?
Не само што се препознаа – мислам дека на моменти буквално се загледаа во огледало. Видов лица кои тешко дишеа – не само поради темата, туку затоа што конечно се соочија со вистината. Публиката беше тивка, но не и рамнодушна. Буквално, секој збор одекнуваше. Битолчани имаат срце. И тоа срце сака да чука посилно, сака нешто да промени. Моја задача беше само да им го покажам тој импулс што веќе постои во нив.
Кој е најболниот дел од реалноста која ја опишувате во „Не денес“?
Молкот. Таа тивка, здодевна рамнодушност што ја прифаќаме како нормална. Чадот и загадувањето, се само симптоми, а коренот на проблемот е во тоа што секојдневно велиме „ќе реагирам утре“. Но, што ако утре веќе е предоцна?
Најстрашното е што растат генерации кои мислат дека е нормално во текот на зимата да не го видат синото небо. Дека е нормално да те боли главата од воздухот. Дека е нормално да молчиш. Тоа е болката што ја носам и не можам и не сакам да ја игнорирам.
Ако Битола беше човек, што ќе му кажевте?
Би ја фатил за рака и би ѝ рекол – доста беше чекање. Доста беше „утре“. Слушни го срцето, стани, проговори. Овој град има душа. Но таа душа веќе подолго време вреска одвнатре. Ни треба будење, ни треба нов почеток. А тој не почнува со политики или со дебати, почнува со секој од нас. Со едно „доста е“, со едно „не денес“ што значи – денеска ќе се спротивставам, денеска ќе направам нешто, колку и да е мало.
Што сакате да им остане на луѓето во меморијата по оваа претстава?
Сакам да се разбудат. Сакам да отидат дома, да го изгаснат телевизорот, да ја погледнат својата фамилија и да се запрашаат – „што направив јас денес за да биде подобро?“ Не велам дека сите треба да излеземе на улица, но барем да не се лажеме повеќе. Да не си велиме дека сè е во ред, кога не е.
Сакам луѓето да разберат дека промената не е нешто што ќе ни дојде од некаде. Таа почнува со една мисла, со едно чувство, со еден чекор – денес. Не утре. Затоа што времето истекува. А ние и понатаму... молчиме.
„Монодрамата „Не денес“е крик, апел, молба... за будење, за љубов кон сопствениот град, за храброст да се живее со отворени очи. И можеби токму таа тишина по последниот аплауз беше најгласната порака – дека конечно, некој нешто почувствува.“
Би можело да ве интересира:





