Тања Јованова: „На 36 години добив дијагноза рак на дојка, сопругот работеше во странство, а моите близначиња имаа 5 години“
- Детали
- вторник, 20 мај 2025
„Додека примав хемотерапија бев сама со децата, па од страв дека некогаш можеби нема да се разбудам, им објаснив дека ако мама спие и не можат да ја разбудат, веднаш да се јават на телефон на некој близок и да кажат. Искрено тоа ми беше еден од најтешките разговори со нив, тие ми беа светлина“, вели Тања Јованова (40) од Кочани.
Тања Јованова (40), родена во Кочани, а веќе подолго време живее во Гевгелија. По професија е менаџер по туризам, но работи во казино веќе 15 години.
Таа е горда мајка на две близначиња - момче и девојче, кои се нејзина најголема сила и инспирација.
Тие всушност и ѝ биле светлината кога ја добила дијагнозата рак на дојка со која храбро се изборила.
Во тој период сопругот ѝ работел во странство, а таа сама организирала кој да ги чува децата и како да успее да стигне до Скопје.
Но, кога една жена сака - таа може! А Тања е доказ за тоа...
За CRNOBELO.com таа ја споделува својата приказна:
На колку години ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Имав 36 години кога ја дознав дијагнозата. Веста ми дојде како гром од ведро небо. Шок што тешко се опишува со зборови.
Прво почувствував страв и неверување, но брзо сфатив дека морам да бидам силна за моите деца, за најблиските, за себе и за животот што ме чека понатаму.
Тоа беше тежок момент, но си реков: „Што и да биде, колку и да ми останало, ќе го поминам времето квалитетно со моите деца“.
Донесов јасна одлука дека ќе се борам, немав многу време за паника и веднаш се фокусирав на тоа што следува и како најдобро да се справам со ситуацијата.
Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето? Како реагираше сопругот кога му ја соопшти дијагнозата и како ја претстави ситуацијата пред децата?
Најпрво имав операција, а два месеца подоцна започнав со хемотерапија.
Искрено, терапијата ја поднесов добро и лесно. Немаше момент кога се откажав или пожалив.
На сопругот му ја соопштив дијагнозата по телефон и низ солзи - тогаш веќе беше заминат да работи во странство.
Ми рече дека ја имам неговата поддршка. Поради далечината и околностите не беше физички присутен низ процесот.
Најголемиот дел од борбата го извојував сама, што уште еднаш ми покажа колку сила се крие во мене. Моите деца тогаш имаа само пет години.
Не им ја кажав директно дијагнозата.
Како тие ги прифаќаа промените кои ти се случуваа? Беше ли стресно губењето на косата?
Бидејќи беа мали, не обрнуваа многу внимание на физичките промени, за нив бев истата мама.
За мене искрено не беше стресно, напротив, кратка коса ми стоеше многу убаво.
Научив дека убавината не е во косата, туку во силата што ја носиш во себе додека се смееш, иако ти е тешко.
Наместо перика, цело време носев капчиња во разни бои - тоа беше мој стил и начин да се чувствувам слободна и посебна.
Колку трудот да изгледаш добро, правеше да се чувствуваш добро и во најтешките мигови?
Многу. Иако ми беше тешко секогаш се трудев да изгледам пристојно и средено, колку што можам. Не за другите, туку за мене.
Кога ќе се погледнев во огледало и ќе си се насмевнев имав чувство дека сум жива, дека сè уште сум „ јас“.
Малку кармин, обетки, интересно капче... тие мали нешта правеа голема разлика.
Ми помагаа да не се чувствувам како болна жена, туку како силна жена што само поминува низ нешто тешко, но не дозволува тоа да ја скрши.
Кој ти беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Децата ми беа најголемата мотивација. Иако физички бев сама во многу моменти, мисловно и емоционално тие беа мојата сила.
Љубовта кон нив ми даде моќ да издржам сè. Имав и огромна поддршка од мојот хирург - човек кој ми беше не само доктор, туку и потпора низ целиот процес.
Таа поддршка ја имам и денес и тоа ми значи повеќе отколку што може да се опише со зборови.
Како реагираа децата кога им ја кажа дијагнозата?
Беа премали да разберат што точно се случува, па не им ја кажав дијагнозата директно.
Само им реков дека мама треба да оди на доктор и дека понекогаш ќе биде малку уморна.
Се обидував сè да биде нормално, да не почувствуваат страв или несигурност.
Од страв дека некогаш можеби нема да се разбудам, им објаснив дека ако мама спие и не можат да ја разбудат, веднаш да се јават на телефон на некој близок и да кажат.
Искрено тоа ми беше еден од најтешките, но и најодговорните разговори со нив. Иако беа мали, со својата детска чистота ми дадоа најголема сила - со нивниот поглед, насмевка, прегратка... тие беа мојата светлина во тие денови.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





