Ивана Кнез за љубовта со Тоци: „Се запознавме пред 18 години во диско, и иако бегав, судбината повторно нè спои“
- Детали
- четврток, 22 мај 2025
„Сè почна пред 18 години - ме најде во ‘Сектор’ на скали, на пат да си одам дома, ме повлече кон него и ми рече дека сум убава и дека веќе никогаш нема да ме пушти. И не ме пушти, иако јас бегав и имавме огромни паузи во овој период каде и јас и тој имавме други партнери“ - раскажува Ивана Кнез за љубовта со својот сакан.
На модната дизајнерка Ивана Кнез ѝ се случи вистинска филмска љубовна приказна.
Пред 18 години во диско го запознала Тоци, за кого ни откри дека е тонец по професија.
Тој тогаш ѝ рекол дека „никогаш нема да ја пушти“, но, сепак, животот ги разделил.
Денес, скоро две децении подоцна, Ивана и Тоци го најдоа својот пат еден кон друг, а модната дизајнерка не крие колку е среќна и ужива во љубовта.
За CRNOBELO.com, таа ја раскажа нивната необична љубовна приказна:
Како и кога почна вашата љубовна приказна? Кој го направи првиот чекор?
Љубовната приказна почна пред 18 години, всушност. Ме најде во ‘Сектор’ на скали, на пат да си одам дома, ме повлече кон него и ми рече дека сум убава и дека веќе никогаш нема да ме пушти.
И не ме пушти, иако јас бегав и имавме огромни паузи во овој период каде и јас и тој имавме други партнери.
Но, во еден момент универзумот одлучи дека треба да сме заедно. А јас одлучив дека треба да престанам да бегам.
Можам цела книга да напишам за мене и за него, поголемиот дел од животот сме пријатели пред сè, иако тоа што се случи во првиот момент меѓу нас двајца нема згаснато и веројатно судбински нè спои повторно во комплетно непланиран момент.
Со што те освои Тоци?
Директен е, брутално искрен, по малку и луд, секогаш знаеш на што си со него.
Знае и да ме полуди и да ме смири во една иста секунда.
Учам многу од него, има една магична мудрост што ме претвора во мало дете кога сум покрај него.
Кој е поромантичен - ти или тој? Која е најубавата романтична работа што ја направил за тебе, или ти за него?
Двајцата сме идиоти на таа тема.
За него романтика е да ми дојде пред зграда во 4 наутро и да ме буди со гласна музика викајќи, а за мене да запалам свеќи ако снема струја.
Дали веднаш знаеше дека тој е вистинскиот или со текот на времето сфати дека сте „грнче и капаче“?
Кога ќе помислам сега, после цел мој живот и сè што поминав, особено во последниве пет години, мислам дека на крај само него го знаев.
Во нашиот случај, ние сме ѓезве и поклопче, а мене ми требаа цели 18 години да сфатам дека од тоа што ти е судено не можеш да избегаш.
Не верувам во засекогаш, иднината не постои, знам само дека сега и овде никогаш не сум била посигурна дека тој е водата во мојот живот, тече и ме насочува како да продолжам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





