Тања Јованова: „На 36 години добив дијагноза рак на дојка, сопругот работеше во странство, а моите близначиња имаа 5 години“
Сте имале ли случај на рак во семејството претходно?
Од моја страна не, но свекрва ми почина од истата болест.
Тоа искуство уште тогаш ме натера да бидам повнимателна и свесна за симптомите.
Но искрено, никогаш не мислиш дека тоа ќе ти се случи тебе - сè додека не се случи.
Токму затоа сега уште повеќе верувам во важноста на раната дијагноза и редовните прегледи.
Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Хемотерапијата е предизвикувачки третман со силни лекови што ги уништуваат канцерогените, но и здравите клетки во организмот.
Најпрво треба да бидеш психички спремен, да внимаваш на имунитетот за да можеш полесно да ја поднесеш.
Во тој период имав несакани ефекти како опаѓање на косата, болки во коските, трпнење на прстите, крварење од носот.
Се справив со дисциплина и ментална стабилност, научив да бидам трпелива, да се грижам за себе и да ја сочувам мотивацијата дури и кога беше најтешко.
Верувам дека ваквите искуства нè обликуваат и токму таа истрајност и фокус ги носам со себе и во работната средина.
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Затоа што секој ден влегуваат во простории полни со неизвесност и носат надеж. Затоа што знаат дека не лекуваат само со терапија, туку со збор, со насмевка, со поглед што вели „тука сум“.
Но, секој пациент ја живее својата реалност различно и не секогаш добива човечки однос или поддршка каква што заслужува.
Понекогаш системот знае и да биде тежок, особено кога најмногу ти треба грижа и емпатија.
Морам искрено да кажам - моето искуство со онколошкиот систем беше тешко. Се случуваше да излегувам со солзи од ординацијата, а за да примам инфузија морав да одам два дена - првиот да „ поминам“ кај докторот, а вториот да фатам ред меѓу првите во дневна болница.
Чекањето, нервозата, несигурноста - тоа беше дополнителен товар во време кога ми требаше грижа.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше тоа што бев сама - не по избор, туку по околности. Немаше кој да ми ги чува децата, па секогаш морав однапред да се снаоѓам - да барам кој ќе ги причува, кој ќе ме однесе до Скопје за да примам терапија, да ги организирам обврските дома, да бидам мајка со насмевка и покрај болката.
Тоа ми беше најголемиот товар - не толку болеста, колку логистиката, чувството дека мораш да бидеш и мајка и пациент и борец - сè во едно и кога ќе се вратиш дома да знаеш дека треба да продолжиш, без пауза.
Понекогаш тетка ми доаѓаше, нормално кога ќе можеше да ми помогне со децата - тоа ми значеше повеќе од каков било збор за поддршка.
Другарките доаѓаа со мене во маркет, ми помагаа со носење на работите, затоа што не смеев да кревам тешко, од фирмата во која работев понекогаш ми носеа храна, дада ми од Скопје беше тука за поддршка.
Тие мали гестови беа огромни за мене. Сфатив дека и во самотијата не си сосема сам, дека има луѓе што ќе ти подадат рака - тивко без многу зборови, но со срце, а тоа ти ја враќа довербата.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





