Д-р Маја Кирјас: „Крвавење по операција на крајници е опасно, мора да се чува имунитетот, а сладолед го смирува грлото“
Која е најрана возраст на која може да се направи операција за отстранување на трет крајник?
Најмала возраст на дечиња за оперативна интервенција обично е околу 1,5 до 2 години, ако има сериозни здравствени проблем.
Идеалната возраст кај деца без други компликации е од 3 до 6 години, кога трет крајник е најголем и најчесто создава проблеми.
Кога е состојбата алармантна и треба да се земе предвид оперативен зафат? Постои ли начин да се избегне операција на трет крајник – со кортико спрееви, сирупи за алергија и сл.? Помагаат ли антибиотици за намалување на крајниците?
Апнеи, чести воспаленија на уво, говорни нарушувања се алармантни состојби за реализирање што побрзо интервенција.
Кортико назални спрееви и антихистаминици, леукотриени може да го намалат третиот крајник, додека пак, антибиотикот нема воопшто влијание.
По оперативна интервенција - вадење на трет крајник, пожелно е 3 месеци да се користи кортико назален спреј.

Како се одвива зафатот за отстранување на крајници, како се подготвува детето пред операцијата, како се изведува интервенцијата и како изгледа закрепнувањето, дали е болно и колку време трае?
Предоперативно детето треба да е здраво за да не настанат постоперативни компликации, но и оперативни (абнормално крвавење за време на хируршката интервенција).
Навидум рутинска интервенција, но мора да нагласам дека е интервенција со голем ризик.
Крвавењето по операција на крајниците е многу опасна состојба и мора да се сфати крајно сериозно.
Неретко се случува крвавење поради поставеноста на крајниците непосредно покрај најголемата вратна артерија и зависи од индивидуалната анатомија на пациентот.
Ретко, но се случува и постоперативно крвавење по тонзилектомија, операција на крајниците со фатален исход поради обилно дифузно /широко распространето крвавење,каде е потребно итно да се подврзе вратна артерија, која нималку не е наивна интервенција.

Крварење по операција на крајниците се јавува во околу 20% од случаите и неопходен е повторен хируршки третман по првичната операција со повторен влез во операционата сала под општа анестезија и санирање на крвавењето.
Раното крвавење се јавува во првите 24 часа по операцијата. Секундарно – доцното крвавење може да се појави во секое време, а најчесто е околу седмиот постоперативен ден, кога физиолошки паѓаат наслагите на фибрин / беличасти налепи кои се на местото на оперативниот дел на крајникот.
Случаи на постоперативно крвавење се забележани две недели по операцијата.
Вродена тенденција на телото да крвави постои, па сите пациенти прават неопходни предоперативни припреми. Крварење по тонзилектомија (Хеморагија) е неретка состојба и исклучително опасна состојба.
Неретко за време на самата операција се јавува дифузно: широко распространето обилно крвавење и понекогаш самиот хирург во корелација со анестезиологот прават сопирање на крвавењето - можно е да се остави дел од крајник, или да биде изваден само едниот, а оставен другиот крајник.
За сето ова пациентите се предоперативно предупредени и потпишуваат согласност која внимателно треба да ја прочитаат.

Каква исхрана треба да има пациентот по операцијата и колку време се практикува истата? Вистина ли е дека треба да се јаде сладолед?
Првите 7-10 дена дозволена е течна и кашеста храна (блендирана) - пире, супа, пудинг, гриз… Сладолед да, го смирува грлото.
Моите пациенти почнуваат со сладолед уште првите часови по интервенција. Следниве работи треба да се избегнуваат до 10-тиот ден (индивидуално може и подолго) – газирано, луто, жешка храна, зачинета храна…

Може ли да дојде до некакви компликации доколку не се извадат крајниците ако претходно се утврди дека е потребно да се направи оваа процедура?
Да - компликации од апнеа, поради кислородно страдање, поврзано со когнитивни функции, но и задоцнет раст и развој.
Аденоидно лице, со отворена уста, издолжено лице, недоразвиена вилица. Може да се јави и лош раст на забалото и деформации на вилицата.
Повторливите отити кај деца со трет крајник можат да доведат до нарушен слух и говорни проблеми.
Често е високо лабораториско испитано АСО, кое прави проблем на срце, зглобови, бубрези…
А, дали може да дојде до некакви компликации и негативни ефекти откако ќе се отстранат крајниците?
Несакани последици се исклучиво да се внимава на имунолошкиот систем, бидејќи првата заштитна „бариера“ - крајниците, се отстранети.
Токму затоа се прави понекогаш и тонзилотомија или парцијално/нецелосно вадење на крајници. Но, проценката ја врши лекарот.

Дали откако ќе се отстранат крајниците, потоа децата се повеќе подложни на спуштање инфекција на бели дробови, со оглед на тоа што крајниците се сметаат како прва заштита и одбрана на организмот?
Крајниците се дел од имунолошкиот систем, ако се често болни тогаш се повеќе штетни за самиот организам.
По нивно отстранување има други механизми на имунолошка одбрана како слузница на дишни патишта, бронхијалниот имунитет и белодробната одбрана - одбранбените функции на бронхиите и имунолошките клетки – макрофаги, лимфоцити кои ги ловат вирусите и бактериите пред да дојдат до белите дробови.
Кои се најголемите митови во кои луѓето залудно веруваат, а се поврзани со крајниците и нивното отстранување?
Интересно, но често постававувано прашање е дали детето почесто ќе се разболува, дали веднаш се спушта инфекцијата на бели дробови, дали треба да е детето возрасно за да се подложи на интервенција…
Веке пишавме во однос на митовите што е вистинито, а што не. И како за крај би кажала дека имунитетот е комплексен систем кои го прават коскената срж, тимусот, лимфните јазли, слезината, цревната флора.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
Фото: приватна архива / depositphotos.com
