Д-р Маја Кирјас: „Крвавење по операција на крајници е опасно, мора да се чува имунитетот, а сладолед го смирува грлото“
- Детали
- четврток, 10 јули 2025
„Крајниците се дел од имунолошкиот систем, ако се често болни тогаш се повеќе штетни за самиот организам. По нивно отстранување има други механизми на имунолошка одбрана. Предоперативно детето треба да е здраво за да не настанат компликации. Навидум рутинска интервенција, но мора да нагласам дека е интервенција со голем ризик“ - д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог за CRNOBELO.com на тема воспалени крајници и нивно отстранување.

Воспаление на крајници е честа мака со која се соочуваат родителите на мали деца, а оперативниот зафат за отстранување предизвикува стрес за сите.
За таа цел, за многу прашања да се разјаснат, поразговаравме со Прим. спец. д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог, вработена на Клинички Центар – Мајка Тереза од 1997 година.
Таа се стекнува со титула Примариус пред 15 години, а прва ја воведува радио-фреквентната коблација во Македонија, која дури и во регионот ја нема.
Воедно е и судско-медицински вештак преку Министерство за правда.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со д-р Маја Кирјас на тема крајници и нивно отстранување...
Каква е улогата на крајниците во заштита на имунитетот и организмот на децата?
Имунитет (или одбранбен систем) е способноста на телото да се заштити од инфекции, болести и туѓи супстанции како бактерии, вируси, габи, паразити и токсини.
Имунитетот е вроден и стекнат. Стекнат подразбира хуморален (одбраната на телото преку антитела) и целуларен имунитет (кој се потпира на Т-лимфоцитите за борба против инфекциите).
Кај децата, па и кај возрасните, крајниците играат важна улога во зачувување на имунитетот. Тие се првата одбранбена линија против бактериите и вирусите кои влегуваат преку устата и носот.
Крајниците препознаваат патогени антитела и почнуваат имун одговор. Активираат Б лимфоцити кои имаат функција во производство на антитела и Т лимфоцити - препознаваат и ги „убиваат“ клетките на телото кои се инфицирани со вируси, туморски клетки или клетки од трансплантат.

Која е разликата помеѓу тонзилитис и зголемен крајник?
Тонзилитис е воспаление на крајниците, лимфните јазли кои се наоѓаат на двете страни на грлото.
Додека пак, зголемени крајници или хипертрофија на крајници значи дека истите отстапуваат од нормалната големина. Но, не се болни. Воедно ако се премногу големи прават и пречка во дишењето на детето.
Ретки случаи се лимфом или тумор - особено ако е зголемен само еден крајник, но е потребна евалуација бидејќи и анатомски / вродено може да се асиметрични.

Што го предизвикува воспалението на крајници, дали има некои други ризик-фактори кои влијаат на тоа кај кого се воспалуваат, а кај кого не?
Најчест причинител е бактериски тонзилитис - Стрептокока група А (Streptococcus pyogenes), Хемофилус инфлуенца или Стафилококна бактериска инфекција.
Честа причина за воспалението на крајниците се вируси како риновирус, аденовирус, инфлуенца, Епштајн-Бар вирус (мононуклеоза).
Подложни на инфекции се и деца со генетски предиспозиции, слаб имунитет, недостаток на витамин Д, цинк или железо.
Кои се симптомите на воспалени крајници и како да се разликуваат од обична настинка? Дали крајниците може да се воспалени и кога нема бактериска инфекција?
Најчести симптоми за заболени крајници се: болка во грло – особено при голтање, црвени и зголемени крајници, зголемени лимфни жлезди (вратни), бели наслаги (не секогаш присутни), понекогаш и температура, малаксаност, намален апетит, непријатен здив…
Кога говориме за настинка доминираат следниве симптоми: типични симптоми на настинка - течење на нос (ринореа) и неретко отежнато дишење на нос, блага болка во грло, умерена температура, можна кашлица, болка во мускули, малаксаност…
Да, воспалени крајници може во голем процент да настанат од вирусна инфекција (веќе во горeнепишаниот текст се наведени вирусните инфекции), каде симптомите се поблаги.

Како родителите да ги препознаат симптомите од воспален трет крајник?
Третиот крајник е лимфно ткиво сместено зад носот (во носната шуплина, над мекото непце), и има улога во имунитетот кај мали деца.
Најчесто се зголемува кај деца од 2 до 7 години, а потоа природно се намалува.
Ноќната апнеа е честа кај овие дечиња, отежнато дишење на нос, сува уста, чести воспаленија на уво се симптоми по кои родителите може лесно да ја препознаат болеста.
Како делуваат воспалените крајници на слухот и дали може да дојде до некое оштетување?
Третиот крајник (аденоид) е сместен веднаш до отворот на Еустахиевита туба – што го поврзува средното уво со носната шуплина.
Кога е зголемен или воспален, тој може да ја затвори тубата, што спречува нормално вентилирање на средното уво.
Наместо воздух, во средното уво се собира течност која не е секогаш гнојна, но драстично го намалува слухот.
Како се доаѓа до одлуката дека треба да се извадат крајниците, а кога се вади само третиот крајник?
За да пристапите кон оперативна интервенција мора детето да има индикации како: повторувачки акутни тонзилити, хроничен тонзилитис со болки во грлото, лош здив, отечени лимфни јазли и високо лабораториско АСО, апсцеси (гнојни кеси) околу крајниците кои се повторуваат често во годината, спиечка апнеа предизвикана од големи крајници кои го затнуваат дишниот пат.
Додека за трет крајник индикациите се дишење на уста, апнеи за време на сон, пад на слух.

