Биљана Анѓушев 10 години живее во САД: „Отидовме со 13-месечно бебе, тешко најдовме работа со сопругот зашто бевме преквалификувани“
Датумот на раѓање на Ева нè спречуваше да ја запишеме во прво одделение во државно училиште, затоа што таа не влегуваше во рокот на својата генерација.
Јас сакав таа да биде со своите врсници во генерацијата, затоа одлучив домашно образование кое е честа, прифатлива и нормална опција низ Америка, особено затоа што во тој период целиот образовниот систем се префрли на следење настава преку интернет.
Најдов книги и курсеви и сама го правев распоредот и темпото за учење со моето забаваче кон прваче во екот на пандемиската 2020 и почетокот на 2021 година.
Не беше лесно, за никого. Но, Ева следеше енциклопедиски курсеви на интернет, ја запишав и на онлајн курс за македонски јазик со Биби и Боби (одлична продукција и идеја) и онлајн италијански курс со седиште во Скопје.
Таа веќе следеше и курс за пијано само сега беше виртуелно, работевме практични експерименти, читавме многу книги и беше интересно.
Кога ја запишавме во прво одделение во второ полугодие, таа беше тестирана за да го увидат нивото на нејзиното знаење и имаше знаење за трето одделенка.
Јас бев среќна што домашното образование ѝ помогна да одржи темпо како и да не сме биле во вонредна состојба на живеење.
Убава страна на државните училишта е што имаат транспорт на ученици од и до дома.
Тоа за нас е големо олеснување, а за децата е интересно затоа што се дружат со другарчињата.
Ми се допаѓа и што имаат Асоцијација на родители и наставници (РТА) која е одговорна за организирање настани и активности за собирање дониции преку различни форми.
Сите собрани средства се наменуваат за стипендии за предлог - проект на наставник, стипендија на исклучителни ученици, купување потребни средства (на пр. посебни мали масички за пишување додека децата седат на земја), апарати (на пр. печка за печење керамика или тридимензионален принтер, или нов активен парк со лулашки во дворот на училиштето), активности (на пр. изнајмување комбе за сладолед за крајот на школската година или организирање тематска забава со пица и диџеј за сите одделенија посебно) и слично.
Ова е само мал дел од работата. Тоа е волонтерска работа на сите, иако сите членови си плаќаат членство на годишно ниво.
И јас сум активен член и многу ми се допаѓа иницијативноста на сите, и несебичното учество на мајки, татковци, баби и дедовци - секој допринесува како може и умее.
На крај, сепак најмногу добиваат децата.
Колку е различна Америка за доживување како турист и како граѓанин таму?
Многу, но убедена сум дека тоа е исто со кое било искуство како турист и граѓанин во било која држава во светот.
Кога си турист не ги доживуваш преплетките од комплексниот сообраќај, општествените одговорности, административните и бизнис делувања, планирања на подолг рок, политичките текови во секојдневието, плата по остварена задача и слично.
Кога првпат го посетивме Њујорк бевме воодушевени од големината, од постојаната врвулица од пешаци и автомобили, од препознавањето на филмски сцени во живо и слично.
Денес кога одам во Њујорк ја избегнувам целата зона на Тајмс Сквер за да не се слеам со толпата туристи, кои уживаат во сè што гледаат, додека јас брзам да стигнам до мојата дестинација.
Како граѓанин сега знам кога е најдобро време да се посети Бродвеј, кога вреди да се биде во трговски центар, а кога пазарувањето по интернет е доволно или во која продавница да се пазарува храна и кои производи, кој музеј има организирани тури со доцент-волонтер, како стратешки да паркираш автомобил без да добиеш казна. Сето тоа си доаѓа со искуството.
Има ли многу Македонци? Се дружите ли?
Има многу Македонци и имаме многу блиски пријатели Македонци. Но, имаме и многу блиски пријатели кои не се Македонци.
Потеклото на луѓето не ги прави луѓето добри, ниту пак луѓе со убава енергија околу нив за дружење.
Неколку години ни фалеа пријателите од Македонија со кои муабетите ни беа со веќе воспоставена основа.
А за новите пријатели сè е ново и отпочеток. Но, и тоа е некогаш убаво па споделувам само селектирани информации за животот пред САД.
Дружењето со пријатели ни е важно, отсекогаш.
Понекогаш тоа може да биде некој концерт за деца во Њујоршката филхармонија во фамилијарните денови, некогаш еднодневна екскурзија до Бостон со пријателки, роденденски забави, средби со пријатели во црква за големите религиозни празници и за денот на независноста на Македонија.
А секогаш организираме нешто за да го пополниме календарот за социјализација и нови искуства.
И секогаш иницираме средба со пријатели кои дошле во Њујорк за работа или шетање, па успеваме да се најдеме барем на еден кафе-муабет, како што е онаа народната „Едно видување, еден век“.
Ако некој што го познаваме, бил во Њујорк, а не сме се јавиле, значи не објавиле слики на социјалните медиуми, па не сме дознале за да договориме средба.

Дали ти дошле гости од Македонија и ако да, каде ги шеташ?
Од блиски гости, еве сега првпат на гости ни беше свекрва ми. Од двомесечниот престој и студената пролет многу малку искористивме за шетање, ама сепак прошетавме неколку дена во Вашингтон и Вирџинија, низ Њујорк и спроти Њујорк, низ Њу Џерси на неколку локации меѓу кои и Американ Џрим Мол (како вториот најголем трговски центар во САД).
Но, ни останаа неискористени картите за крстарење околу Менхетен заради непредвидливото време. Ќе ја чекаме повторно да нè посети.
Исто, нè посетиле и други роднини и нивна фамилија, кои живеат во Торонто, Канада.
Секогаш имаме отворена врата и покана за нашите пријатели и фамилиите; ги чекаме.
Ја посетувате ли Македонија често?
Да. Во овие 9 години во Македонија не бевме само за време на пандемијата во 2020 и 2021, и во 2024-та заради административен проблем со пасош.
Тоа беше ретка прилика да ја истражиме Америка во лето.
Но, ни недостигаше Европа па затоа направиве патешествие со автомобил до Квебек во Канада, како најевропејскиот град во Северна Америка.
Целиот регион од државата Њујорк, Њу Хемпшир и Вермонт, беше вистинско задоволство за шетање во лето.
Би се вратила ли да живееш во Македонија некогаш?
Наједноставен одговор е - не. Секогаш ќе се враќаме да ја посетиме фамилијата, пријателите и да барем малку да им го доближиме македонскиот живот на нашите деца, но сега нашиот живот расцутува на друго место.
Можеби утре ќе биде друга локација, но мислам дека го надраснавме капациетот на Македонија, љубовта кон неа секогаш ќе остане.
Горди сме на потеклото, но среќни сме сега каде што сме.
Нашите цели се да им го дадеме најдоброто од животот на нашите деца со сè што знаеме и умееме. Тоа е целта на секој родител, зарем не?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
