Биљана Анѓушев 10 години живее во САД: „Отидовме со 13-месечно бебе, тешко најдовме работа со сопругот зашто бевме преквалификувани“
Како реагираа вашите семејства (твоето и на сопругот) кога донесовте одлука за преселба таму?
Моето семејство беше резервирано за таа идеја, сметајќи дека веќе имаме сè што ни треба во Македонија.
Мислам дека и раѓањето на нашата Ева, нивната прва внука, им влијаеше на тој став.
А секако и постоењето на ‘Билиа’ за кое добив голема поддршка од нив.
Од семејството на сопругот имавме половична поддршка за идејата за преселба.
Најважно ни беше да нè разберат дека одлучивме да се преселиме и да ја искористиме шансата, па ако не ни се допадне и не можеме да го смениме животниот стил, ќе се вратиме назад.
Ветивме секојдневна комуникација и до скоро видување. Нè дели еден (додуша два) авион(а).
Колку долго траеше прилагодувањето на новиот живот?
Ах, многу долго, подолго отколку што мислевме, затоа што сè уште трае.
Има уште многу сегменти од американскиот систем што ги учиме, историја и политика што ги осознаваме, културни разлики што ги доживуваме, пријатели и соработници што ги стекуваме и имаме убава енергија за споделување.
Некои и ги отуѓуваме зашто и ние имаме свои ставови за релации, за производи и услуги, за животни сфаќања. Не сме новодоселеници. Малку сме пораснати.
Кога го полагавме граѓанскиот тест за државјанство, прочитавме 1.500 страници за американската историја и различни сегменти од нејзиното постоење и функционирање.
Сакавме да ја сфатиме Америка затоа што тоа ни е секојдневие. Беше интересно кога споредувавме како растела и се зајакнувала земјата додека ние под турско ропство уште не сме го изградиле црешовото топче, на пример.
Познатата и угледна градска библиотека во Њујорк е изградена во 1895 година, а нашето црешово топче во 1903 година.
А таа е изградена со блокови мермер од Прилеп, но ете, сме немале систем за тој факт да го презентираме и заштиме во нашата историја.

За мене најтежок период беше транзицијата од 16-часовен активен работен ден во ‘Билиа’ во 24-часовна обврска во домот и семејството, во околина каде што сме сами ние тројцата.
Гледајќи на тоа од оваа гледна точка, тоа беше најдоброто нешто што можеше да ни се случи за да си ги уживаме кратките детски години на раст на тогаш 13-месечното бебе, кое сега е 10-годишна тинејџерка.
Предизвик беше и прилагодувањето на неминовно движење со возило во околина со поразлична возачка култура од онаа во Македонија.
Сега веќе сме навикнати и уживаме во патувања со автомобил на блиска или подалечна дестинација (Торонто и Квебек во Канада).
Најдовте ли лесно работа?
Не. И двајцата со сопругот бевме преквалификувани за сите позиции што ги баравме по струка.
Јас тоа го правев рекреативно затоа што сакав да останам посветена на грижата на семејството, а сопругот беше поактивен.
Тој е дипломиран инженер по информатика и веќе имаше идеја за проширување на активниот бизнис од Македонија на американскиот пазар.
Но, тукашниот пазар е светлосни години пред светот, па така и неговата идеја беше ставена во мирување.
Тогаш го заскокотка претпримечкиот дух и ја основаша својата агенција за дигитален маркетинг и бизнис консултации.

Тоа беше пред 8 години, а сега ја имаме и Билиа агенцијата на недвижности.
Јас повторно работам нешто што ме исполнува затоа што потрошувачката психологија за недвижен имот е иста како онаа за матурски и/или невестински фустан.
Чудно, нели? Како? Едноставно. Купувањето имот најчесто се доживува како инвестиција еднаш во животот и се посветува целосно внимание на деталите.
Истото е и со изведбата на матурски, невестински или свечен фустан. И во двете ситуации јас како двигател на релацијата им помагав на клиентите да ги избалансираат желбите со можностите.
Сега тоа го правам за веќе постоечки куќи, но процесот ми е познат иако производот и услугата се различни.
А со Кире и во ‘Билиа’ бевме бизнис партнери, и сега повторно. Таа взаемна поддршка многу ни значи и на двајцата.
Претприемачкиот живот го обновивме во други форми, бизнис средини и голем пазар за раст и развој. Секојдневно учиме, но и се мотивираме за повеќе успеси.

Ќерката е родена кај нас, а синот во Америка. Како изгледаат болниците, какви се условите за бремените жени? Кои се добрите страни на породувањето во САД?
Имајќи ја ќерката Ева родена во Македонија, во Државна болница, и синот Максим (7) роден во Америка, во болницата Хакенсак Меридиан која е високопрестижна болница, можам да кажам дека искуства се неспоредливи, како ден и ноќ.
Во американскиот здравствен систем има само приватни болници, кои работат на некој хибриден систем на тоа што ние го знаеме од државните и приватните болници во Македонија, ако ги гледаш екстерно.
Но интерно, задолжителното со закон здравствено осигурување, ја прави разликата за која здравствена установа да може да даде услуга.
Отстапка се итни случаи на пациенти кои било каде може да бидат згрижени без надомест на услугата од каква и да е големина или комплицираност.
Јас имав среќа што мојата докторка гинеколог ја разбираше мојата комплексна состојба на бременост – hyperemesis gravidarum и многу ми помогна со совети и коктел од минерали и витамини.
Јас и принцезата Кејт Мидлтон ја имавме истата бременост, ха, ха. Тоа е состојба на чести и интензивни нагони на повраќање и истоштеност на телото 24/7, од прв ден бременоста до породувањето.
Во Македонија чинот на породување во болницата го доживеав деградирачки и физички болно колку што беше и емотивно и психолошки; се опоравив после 3 недели.
Во болницата Хакенсак беше грижливо, сочувствително, човечки возвишено кога нов живот се раѓа и секоја помош е потребна и понудена.
Мојата исхрана им беше многу важна за добра продукција на млеко, за која имаше и сертифицирана сестра со совети за лактација.
Иако напоменав дека веќе имам искуство, сите задолжени лица го понудија своето знаење со совети за правилна нега и за бебето и за мене; се опоравив после 6 дена.
И нашиот педијатар ме посети во болницата за да ми даде насоки за следните прегледи на бебето и за водење дневник на промени кај бебето.
Какви се градинките/училиштата?
Многу различни од кај нас. Има приватни градинки што примаат деца од 3 месеци до 6 години.
За жал, не ми се допаѓа суровоста на американскиот систем за дозволено породилно отсуство само од 3 месеци.
Тоа беше и причината зошто не сакав да бидам вработена додека сум бремена за да не бидам принудена на таков краток период на породилно отсуство кое не е ни приближно доволно за здрава интеракција на новородено бебе и новопородена мајка, која е во почетна фаза на физичко, физиолошко и психолошко опоравување.
Најчесто државните градинки примаат деца од 4години. Ева почна на 3 години во приватна градинка и остана таму до забавиште, но тогаш се смени ритамот на светот.
Во тој период на пандемија, јас одлучив да ја образувам дома следејќи некои основни правилници што е потребно да знаат деца од 5, а потоа и од 6-годишна возраст.
