Бајковитата свадба во родното Берово на Катерина со Захер од Либан - матично во природа, раскошна венчаница (фото)
- Детали
- вторник, 22 јули 2025
Катерина Пипонска, наша некогашна стјуардеса, вели дека во родното Берово ја имала свадбата од соништата, а гостите од Либан биле воодушевени од природата, а некои од нив заиграле и македонско оро.

Катерина Пипонска од Берово, која години наназад работеше како стјуардеса стапи во брак со нејзиниот сакан Захер Хатум од Либан, сопственик на маркетинг компанија, на прекрасна свадбена церемонија во нејзиното родно Берово.
Во кругот на 120 најблиски роднини и пријатели, од кои 30 од Либан, Катерина и Захер ја славеа љубовта, иако официјално се венчаа претходно, во октомври 2024-та.
Парот живее во Ријад, Саудиска Арабија.
Катерина споделува детали за нивната свадбена церемонија за CRNOBELO.com:
„На 17-ти јуни мојот роден град Берово стана домаќин на крунисувањето на мојата љубовна приказна со Захер.
Во хотел со прекрасен амбиент, ја прославивме нашата свадба – ден исполнет со емоции, музика и вистинско единство на две култури.

Иако веќе бевме официјално венчани во октомври, оваа прослава беше наша симболична церемонија, односно моментот кога љубовта доби форма пред очите на нашите најблиски.

И покрај сите предизвици, посебно затоа што живеам во Саудиска Арабија, а ја организирав целата свадба од далечина, секој детаљ беше внимателно испланиран.

Денот започна со коктели за добредојде за нашите гости, каде јас не присуствував бидејќи традицијата наложуваше да не бидам видена пред самиот момент на церемонијата.

На церемонијата срцето ми трепереше додека татко ми ме водеше до „олтарот“.

Не можам да опишам со зборови колку беше емотивно – сите плачеа, а јас, како и секогаш, не можев да ги задржам солзите.

Имавме гости од Либан, околу 30 блиски луѓе од страната на мојот сопруг, како и мои пријателки кои специјално дојдоа од Саудиска Арабија. Тоа ја направи нашата свадба уште побогата со култури и различни јазици.

