Џенгис од Прилеп освои титула на изборот Мистер на светот за глуви и наглуви: „Бариери постојат само ако им дозволиш“
- Детали
- сабота, 02 август 2025
„Имам 100% оштетување на едното уво и порано носев слушен апарат, но престанав зашто ми пречеше. На изборот за Мистер на светот бев избран за Топ модел, што многу ми значи, зашто модата е правецот во кој сакам да се развивам“, вели за CRNOBELO.com Џенгис Мемедовски, кој беше македонски претставник на светскиот избор.

Џенгис Мемедоски (33) од Прилеп неодамна се врати од Чешка, каде што на изборот Мистер на светот за глуви и наглуви 2025, ја освои титулата за Топ модел.
Џенгис, кој има 100% оштетување на слухот на едното уво, веќе неколку години работи како модел. Тој го познава и знаковниот јазик, кој е уште еден начин на комуникација што го користи.

Со сето ова, и искуството што го има зад себе, вели, воопшто не му било тешко да се прикаже во најдобро светло на светскиот избор за убавина, па дури и да си дојде дома со титиула.
За искуството во Полска, Џенгис ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Во моментов студирам во Скопје и престојувам во студентски дом, а по потекло сум од Прилеп.
Имам 100% оштетување на едното уво, на кое порано носев слушен апарат, но престанав затоа што ми пречеше.
Го користам знаковниот јазик и го сметам за богатство - тоа е еден од јазиците кои го збогатуваат човекот и ја олеснуваат комуникацијата.

На изборот за Мистер на светот се пријавив онлајн.
Лани исто се пријавив, но се откажа натпреварот, па кога годинава повторно се отвори огласот, не размислував двапати.
Секогаш сум имал желба да учествувам на ваков настан. Модата ја сакам и ја живеам, и затоа со задоволство се пријавив.

Од кандидатите се бараше да бидат комуникативни, сигурни во себе, да имаат интерес за мода и јавно претставување.
Освен пријавата, испратив и фотографии, видео-презентација и кратка биографија.
За мене сето тоа беше лесно, зашто веќе имам искуство со фотосесии и снимања.

Финалето на изборот се одржа на 14 јули во Прага, Чешка, и траеше скоро две и пол недели.
Имаше учесници од целиот свет, атмосферата беше прекрасна, а организацијата на високо ниво.

Победи претставникот на Кина, а јас добив признание и награда за Топ модел, што многу ми значи, затоа што модата ми е блиска и тоа е правецот во кој сакам да се развивам.
Во тие две недели се дружев со повеќето учесници, особено со момците од Полска, Турција и Србија.
Брзо се поврзавме преку заеднички интереси, најмногу музика и мода.
И покрај јазичните разлики, се разбравме совршено - комуникацијата беше природна.

Имаше многу интересни моменти, но најмногу ќе ми остане во сеќавање една вечерна прошетка низ Прага кога бевме во традиционални носии.
Сите нè фотографираа, нè поздравуваа, се чувствувавме како ѕвезди!
