Успешни Македонци низ светот: Александар Ѓоргоски од Прилеп е менаџер во интернационален ланец хотели во Франкфурт
- Детали
- недела, 17 август 2025
„За викенд имаме и преку 200 гости кои чекаат во лобито на хотелот за да се качат на 47. кат во руфтоп барот и да уживаат во погледот. Чекањето може да трае и до два часа, што е голем предизвик поради ограничениот капацитет од 199 гости“, вели Александар за CRNOBELO.com, кој е опративен менаџер, т.е трет човек во nhow хотелот во Франкфурт.

Александар Ѓоргоски (37) од Прилеп, веќе 9 години живее во Германија, а последниве 6 е во Франкфурт, каде што работи како оперативен менаџер во nhow хотел, кој е дел од меѓународна групација која поседува околу 560 хотели низ светот. Таму живее со вереницата Кристина и нивните два мачора, Луи и Жак.
Во потрага по подобри можности за личен развој, Александар решил да замине во Германија, и за кратко време успеал да го пронајде тоа што го посакувал - работа која ќе му нуди напредок во кариерата, која ќе го исполнува, ќе го мотивира да оди напред.

Денес, тој е успешен во својата работа, а последниве месеци е трет човек на хотелот, веднаш зад генералниот директор и неговиот заменик.
Меѓу бројните обврски што ги има, е и менаџирањето на руфтоп барот, кој се наоѓа на 47-иот кат од хотелот и е единствениот во Франкфурт со панорамски поглед од 360°.

За својот живот во Германија и предизвиците со кои се соочил низ годините, Александар ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Зошто реши да си заминеш од Македонија? Што те одведе таму - студии, работа, љубов или нешто друго?
Секој има свои причини и мотивации за преселба, и тие се различни за секој човек.
За мене лично, како главни причини можам да ги издвојам пред сè можностите за подобра работа и кариера, како и продолжувањето на образовните шанси во Германија, која како држава дефинитивно може да се пофали со висок квалитет на образование.
Кај нас во Македонија, особено ако доаѓаш од внатрешноста, како што е и мојот пример, овие можности се на релативно пониско ниво, да не речам драстично помали.
Фирмите во Германија, како и фирмата во која работам, нудат одлични можности за професионален развој и обука, брз напредок во кариерата, менторство од искусни професионалци и голем број менторски програми.
Исто така, постојат флексибилни работни позиции во Германија и Европа, работа во интернационално опкружување, како и студентски програми и партнерства со универзитети во Германија.
Една година по моето доаѓање во Германија, бев дел од една ваква програма на мојот тогашен работодавач, која ми овозможи студии за хотелски менаџмент на Универзитетот во Манхајм.
Овие студии ми овозможија значително професионално напредување за кратко време и со тек на време достигнав значително ниво на успех во мојата кариера.

Најголемиот фактор кој придонесе за мојата одлука беа можностите кои ги нуди светската хотелиерска индустрија.
Овој сектор беше за мене отсекогаш доста интересен од различни причини, иако студирав нешто сосема различно во Македонија.
Денес, можам слободно да кажам дека сум многу горд на себе што донесов таква одлука и што имам можност да работам нешто што навистина ме исполнува.
Секој работен ден е ново искуство, можност за напредок, стекнување нови знаења и контакти со луѓе од различни култури, националности и религии од целиот свет.
Покрај тоа, мојата приказна е пример за тоа како упорноста, желбата за учење и отвореноста за нови искуства можат да доведат до личен и професионален успех.
Во Германија имам стекнато не само нови знаења и вештини, туку и пријатели од целиот свет, што ми овозможува да се чувствувам како дел од една голема глобална заедница.
Ова искуство ми ја отвори вратата кон нови можности и ме научи колку е важно да се биде отворен за промени и да се следат своите соништа.

Како би го опишал животот во Германија? Што ти е најубаво, а што не ти се допаѓа поврзано со животот таму?
Живеењето во Германија може да биде искуство полно со предизвици и убавини. Кога се преселив тука, сè беше ново и непознато.
Имањето нова култура за истражување, нов јазик за учење и нови луѓе за запознавање беше во исто време возбудливо и застрашувачко, на некој начин.
Секојдневието ми стана многу поразлично. Понекогаш се чувствував осамено, но истовремено и авантуристички.
Доста брзо стекнав пријатели Германци, како и други мигранти кои веќе подолго време живееја тука.
Тоа ми помогна побрзо да се адаптирам и да се чувствувам како дел од новата средина, и особено ми помогна во забрзувањето на процесот на учење на германскиот јазик.
Често истражував нови места, пробував различни храни и учествував во локалните фестивали.
Ова ми овозможи да се чувствувам поспецијално и да се интегрирам побрзо во заедницата.
И покрај предизвиците, тоа искуство го збогати мојот живот и ми даде сосема нова перспектива.

Најубаво? Во Германија се дефинитивно најубави викендите и одморот после една напорна работна недела.
Кога немаме нешто посебно планирано за викенд, доста често ги посетувам винските региони во Германија и големиот број фестивали кои се одржуваат во овие региони, што воедно ми претставува едно од најубавите работи што може да се искусат тука.
Често сум во Рајнгау и Рајнхесен, винските региони кои се наоѓаат на двете страни од реката Рајна, и се околу 35km оддалечени од Франкфурт.
Тоа ми претставува големо задоволство и одмор од градската гужва со која се соочувам во текот на работната седмица.
Германија е исто така земја со многу природни убавини - реки, езера, планини и шуми, кои нудат огромни можности за спорт и рекреација во сите годишни времиња.
Можам да кажам дека секој викенд е нова авантура и можност за опуштање и уживање во природата.
Се разбира, не можеме да ги заборавиме и суштинските работи што Германија ги нуди, а кои ме прават многу среќен, како што се стабилноста и сигурноста, огромните работни можности, добриот здравствен систем и ефикасното образование.
Мултикултурната средина ми овозможува да запознаам луѓе од целиот свет и да се запознам со различни култури, што е големо богатство.
Како негативни работи, би ги издвоил бавната бирократија која понекогаш може да биде премногу комплицирана и да одзема време.
Исто така, германското време може да биде голем предизвик, особено во региони како Франкфурт, каде што има многу облачни и дождливи денови кои дефинитивно влијаат на расположението.
