Успешни Македонци низ светот: Александар Ѓоргоски од Прилеп е менаџер во интернационален ланец хотели во Франкфурт

Ти работиш во менаџментот на голема хотелска групација... Раскажи ми подетално за твојата работа.

Minor Hotels and Resorts е интернационална хотелска група со седиште во Банкок, Тајланд, која управува со повеќе реномирани брендови во индустријата за хотели и угостителство.

Групацијата нуди луксузни и комфорни сместувања низ светот, вклучувајќи ги брендовите Anantara, Avani, Tivoli, NH Hotels, NH Collection Hotels, Nhow, Elewana Collection, OAKS и други помали хотели.

Понатамошна експанзија е планирана во 2026-та, кога компанијата ќе преземе уште три нови брендови на хотели во групацијата.

Со присуство во преку 70 земји и повеќе од 560 хотели, обезбедува извонредна услуга, уникатно гостопримство и незаборавни искуства за своите гости.

Брендот nhow, каде што и јас работам, е авангарден хотелски бренд под групацијата NH Hotel Group, познат по својата уникатна комбинација на уметност, дизајн, музика и поп-култура.

Секој nhow хотел има своја индивидуална тема и дизајн, создадени во соработка со познати архитектонски дизајнери, а темата според која е дизајниран е тесно поврзана со градот каде се наоѓа.

На пример, во Берлин темата е музика поради бројните продуцентски куќи, во Милано е мода и поп-арт, во Брисел е модерната уметност, а во Франкфурт е The Art of Money (Уметност на парите), што може да се види во секој дел од хотелот.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-31_copy.jpg

nhow Frankfurt не е само хотел – тоа е уметничко и културно искуство за сите кои сакаат да престојуваат во нешто различно, современо и инспиративно. Тоа е дефинитивно омилен бренд за секој инфлуенсер и тик-токер.

Хотелот се наоѓа во внатрешноста на импресивната кула ONE Tower, каде што се спојуваат архитектонската елеганција и креативниот дизајн.

Располага со 375 соби во различни категории, како и неколку луксузни апартмани, еден пентхаус, а во склоп на хотелот на 47-миот кат се наоѓа NFT SKYBAR, моментално највисокиот руфтоп бар во Германија, а е под мој менаџмент.

Веќе шест години сум дел од тимот на оваа компанија.

Пред околу шест години почнав да работам за Minor Hotels во еден од NH хотелите во Франкфурт како асистент менаџер за храна и пијалаци (F&B), и бев одговорен за повеќе аутлети, меѓу кои ресторан, бар, кујна и мал конференциски дел со шест соби за состаноци.

Вклучувајќи ги менаџерите на одделите, како менаџерот на ресторанот и шефот на кујната, бев одговорен за околу 20 вработени.

Во мај 2023 година го презедов менаџирањето на F&B одделот во nhow хотелот во Франкфурт, што од старт беше сосема поразлично искуство. Имав многу повеќе оддели под директна контрола и преку 40 вработени кои директно и индиректно беа под мој надзор.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-17_copy.jpg

Од октомври 2024-та ја презедов позицијата менаџер на операции, што е третото ниво во хиерархијата на хотелот, веднаш по генералниот директор и неговиот заменик.

Одговорностите по преземањето на оваа функција се на сосема друго ниво. Како основни задачи на оваа позиција се финансиското планирање, подготовката и управувањето со буџетот на одделите, анализа на профитабилноста и трошоците, контрола на квалитетот и услугите, надзор и организација, спроведување на ХАЦЦП стандарди во целиот хотел, координација на храна и пијалаци за различни настани, развивање и имплементација на стратегии за сите F&B оддели, како и одржување на комуникација и односи со гостите.

Тука сум одговорен за оперативниот дел на сите аутлети во хотелот поврзани со одделот за храна и пијалоци, како и за административните обврски во неколку други оддели.

Во последните неколку месеци сум главно преокупиран со еден од најпрестижните аутлети во целата компанија, NFT, кој е највисокиот руфтоп бар во Германија.

Тоа ми претставува голема чест и задоволство, бидејќи ја добив довербата од високиот менаџмент на компанијата да водам вакво престижно место.

Една од големите предности на оваа позиција, барем за мене, е што немам конкретен распоред и одредено работно време. Распоредот си го креирам сам според потребите на хотелот и одделите, обемот на работа и секојдневните состаноци.

Работниот ден може да трае само 4-5 часа, но многу често и после повеќе од 10 часа на работа, морам и дома да го отворам лаптопот.

Секој ден е ново искуство и носи непредвидливи предизвици.

Професијата е исполнета со предизвици, многу проекти што мораат да се завршат во краток рок, преземање на иницијативи, усогласување на различни приоритети и, најбитно, одржување на продуктивноста.

Меѓутоа, секоја ситуација со која се соочувам е и ново искуство што значително ги подобрува моите лидерски, комуникациски и менаџерски вештини.

Понекогаш е тешко да се воспостави совршен баланс помеѓу животот и работата, но на крајот од денот, тоа е нешто што ме исполнува и ме прави среќен.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-32_copy.jpg

Велиш, станува збор за највисокиот руфтоп бар во Германија. Каков е погледот од 47-иот кат на Франкфурт?

За NFT Skybar може слободно да се каже дека е The Place to be во Франкфурт.

Се работи за современ и елегантен руфтоп бар, сместен на последниот кат на хотелот NHOW, кој нуди уникатно искуство со својата современа дизајнерска атмосфера.

NFT Skybar се наоѓа на висина од 185m и е единствениот ваков бар во Франкфурт што може да се пофали со тераса од 360 степени.

До него се стигнува со два, од вкупно четирите лифта на хотелот, кои се движат со брзина од 8 метри во секунда, што ги прави меѓу најбрзите во Германија.

Во 2024 година, барот ја доби престижната Ролинг Пин награда за најдобар бар.

Погледот е импресивен и опфаќа целосна панорама на Франкфурт, вклучувајќи ги најзначајните згради на градот, како што се познатиот Skyline и финансиските институции, реката Мајна, стариот дел на градот, стадионот на Ajнтрахт Франкфурт, Франкфуртскиот аеродром и регионот Таунус со сите негови природни убавини.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-33_copy.jpg

За време на зајдисонце, посетителите можат да уживаат во спектакуларните бои на небото што создаваат магична атмосфера.

Ентериерот е осветлен со модерни светла, што создава удобна и пријатна атмосфера за сите гости.

Сакам да кажам дека ова е идеално место за оние кои сакаат да искусат убавините на Франкфурт од високо, во комбинација со врвни пијалаци и опкружување што поттикнува социјални контакти.

Секој работен ден имаме диџеј, кој дополнително го збогатува амбиентот и ја прави атмосферата уште посовршена.

Интересно е што NFT Skybar го посетуваат не само хотелските гости туку и туристи и локални жители.

Имаме дури и многу интернационални гости, како и гости од сите делови на Германија, кои специјално доаѓаат за да го посетат барот.

Во петок и сабота, постојано имаме повеќе од 200 гости кои чекаат во лобито на хотелот за да се качат горе и да уживаат во погледот.

Чекањето понекогаш може да трае и до два часа, што е голем предизвик поради ограничениот капацитет од 199 гости.

Како што напоменав и претходно, ова е омиленото место и за инфлуенсерите, па скоро секој викенд имаме реномирани влијателни личности, инфлуенсери со милиони следбеници на Инстаграм (најомилената професија кај младите денес), и познати јавни личности од светот на музиката, филмот, спортот, политиката и јавниот живот.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-20_copy.jpg

Во однос на животот во Германија, има ли дружење како кај нас, пријатели со кои можеш во секое време да излезеш на кафе, на ручек?

Па дефинитивно. Социјалниот живот во Германија е доста убав, само треба малку време да се воспостават блиски пријателства.

Германците на почеток можеби делуваат резервирано, но штом те запознаат подобро, се отвораат и се покажуваат како многу искрени и верни пријатели.

Се разбира, не сите, меѓутоа јас секогаш велам дека во секоја една држава или нација има луѓе и луѓе.

Луѓето тука се навикнати да планираат однапред, што не е пример кај нас. Кај нас е доста добро што спонтано можеш да се сретнеш или да посетиш роднини и пријатели без претходна најава.

Во Германија примерот е различен. Мојата свршеница е Германка, така што, кога и да одиме да ги посетиме нејзините родители, треба да ги информира барем неколку денови порано.

Што се однесува за мене лично, животот во Франкфурт ми е навистина интересен, особено кога станува збор за социјалниот живот.

Тоа е космополитски град, па покрај Германците, запознав и луѓе од целиот свет.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-aleksandar-gjorgoski-od-prilep-e-menadjer-vo-internacionalen-lanec-hoteli-vo-frankfurt-02_copy.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Maрија, ѕвездата од „Тин камп“, стана диџејка: „Клабингот не е нешто негативно - терапија е, идол ми... „Почнав да пуштам музика многу спонтано, речиси случајно. Но, ако размислам...
Сандра Ш. Каевска со семејството живее во Шведска: „Првите 3-4 години често размислувавме да се врат... „Првите три до четири години ни беа навистина тешки и често размислувавме за вра...
Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...
Александар и Надица се игроорци од Валандово: „Ја негуваме традицијата, по аманет од баба и мајка, и... „На играорна ме запиша мојата покојна баба, и тоа ми е најубавиот спомен од неа,...
Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
Дарио Панковски: „Излегував во најпопуларните шминкерски кафулиња и дискотеки, и денес би облекол ко... „Не готвам, но сакам да си подготвувам интересни ‘бранчови’. Хит ми се оние со а...

Најчитани неделава