Успешни Македонци низ светот: Александар Ѓоргоски од Прилеп е менаџер во интернационален ланец хотели во Франкфурт
Често излегуваме со пријатели - има многу барови покрај реката Мајна, ресторани со различна кујна, и клубови за оние што сакаат ноќен живот.
Во текот на летото се организираат фестивали, забави на отворено и улични настани, па градот буквално живее.
Луѓето се пријателски настроени, отворени за разговор и запознавање, особено ако покажеш интерес и почит кон нивната култура.
Франкфурт е град што нуди и динамика и простор за уживање. Можеш да пиеш кафе во некоја мирна уличка, или да ја завршиш вечерта со журка до доцна во ноќта.
Навистина ми се допаѓа балансот меѓу урбан живот и социјална поврзаност.
Покрај тоа, градот нуди многу можности за личен развој и професионален напредок, што дополнително го збогатува моето искуство.
Многу од моите пријатели тука се вклучени во различни културни и спортски активности, што ми помага да се чувствувам како дел од заедницата.

Какви се локалците? Дали се студени како што ни делува од страна?
Германците имаат репутација на народ кој е претежно дистанциран од другите, делуваат „ладно“ и резервирано на прв поглед, но моето искуство беше доста поразлично.
Можам слободно да кажам дека првиот впечаток може да лаже кога зборуваме за Германците, бидејќи штом ги запознаеш, се покажуваат како доста фини и пријателски луѓе, посебно младите, кои скоро и да немаат некакви предрасуди.
Кај Германците ми се допаѓа тоа што секој го почитува просторот и времето на другите, но сепак се создаваат силни врски и убави моменти.
Тие како народ се познати по тоа што се дисциплинирани, точни и организирани. Многу го ценат редот, правдата и личната одговорност.
Во комуникацијата често се директни и искрени, што понекогаш може да изгледа како студеност, но всушност станува збор за културна разлика и фактот дека тие само го ценат искреното и јасно изразување.

Животот во Германија може да побара прилагодување, но со некои напори, странците можат да уживаат во оваа развиена и разнолика земја.
Позитивно ме изненади фактот што на почеток со секого можев да комуницирам на англиски јазик, и тоа не беше одбиено од никој од локалците, иако се вели дека Германците не се фанови на комуникација на некој странски јазик.
Французите, на пример, се целосно друга приказна во однос на оваа тема.
Да додадам и дека Германците како народ се скоро секогаш подготвени да помогнат и да бидат пријателски расположени, особено ако се вложи малку напор за да се разберат нивните навики и културни особености.
Исто така, многу е важно да се биде трпелив и да се прифати нивниот начин на комуникација за да се создаде вистинска врска.

А какви се во љубовните врски? На колку години стапуваат во брак? Го ценат бракот или има многу разводи?
Во Германија, љубовните врски се развиваат на различни начини. Тие се отворени за модерни идеи за врските и бракот.
Многу млади Германци стапуваат во брак на возраст од околу 30 години, што е малку подоцна отколку во минатото, бидејќи сега повеќето луѓе прво сакаат да се образуваат, да работат и да се осамостојат пред да се венчаат.
Го ценат бракот, но истовремено се отворени и за различни форми на заедници и партнерства.
Многу луѓе живеат заедно без официјално да се венчаат, а има и голем број на разводи, што укажува на тоа дека луѓето се стремат кон среќни и здрави врски, но и дека се подготвени да ја прекинат ако нешто не функционира.
Семејството е секако важно, но многу млади парови се обидуваат да најдат баланс помеѓу нивните лични амбиции и семејните обврски и ја подвлекуваат важноста на професионалниот развој и личниот развој.
Кога станува збор конкретно за врските, Германците обично ја ценат искреноста и директноста.
Сакаат отворени разговори за чувства и мислења, што помага за јасно разбирање на потребите на партнерот.
Пред да почнат сериозна врска, многу Германци преферираат да поминат време во запознавање.
Исто така, Германиците имаат тенденција да ги делат обврските во врската, вклучувајќи домаќинствени задачи и финансии, што создава поизбалансирани односи.

Како те прифатија како дојденец?
Иако на почетокот бев доста скептичен, навистина бев пријатно изненаден од тоа колку добро ме прифатија и на работа и во градот во кој живеам.
На почетокот имаше јазична бариера, но повеќето беа трпеливи и подготвени да помогнат.
Колегите на работа и соседите ми помогнаа многу да се снајдам, и навистина се чувствував добредојден, особено додека се навикнував на новиот систем и јазикот.
Трпеливо ми објаснуваа и секогаш беа тука кога ми требаше помош, што ми помогна полесно да се вклопам.
Во градот, луѓето беа љубезни, а со тек на време почнав да се чувствувам како дома.
Секојдневието овде ми стана многу попријатно отколку што очекував, благодарение на топлиот прием што го добив од сите околу мене.
Сега, веќе се чувствувам како дел од заедницата и целосно интегриран.

Ти недостига ли Прилеп? Колку често се враќаш дома? И што Македонско најмногу ти недостига кога не си тука?
Прилеп е градот каде што сум роден, каде што сум поминал најголем дел од животот и каде што се моите родители. Затоа секогаш ќе зазема посебно место во моето срце.
Најмногу од сè ми недостасуваат родителите, кои неизмерно ги сакам и кои секогаш се дел од мене, каде и да сум.
Токму поради тоа често се враќам во Македонија. Најмалку двапати годишно сум во Прилеп и ги посетувам - секојпат за божиќните празници, кога човек чувствува дека е навистина дома и во една топла атмосфера, и претежно во летниот период, уживајќи во летното македонско време во градината со салата и ракија.
Храната подготвена од мајка ми е нешто сосема посебно и многу ми недостасува. Нема ништо подобро од нејзините специјалитети, кои секогаш ме потсетуваат на детството и на семејните вечери.
Тука се и пријателите и роднините. Чувството кога се среќаваш со нив после подолго време е непроценливо, постои онаа еуфорија кога сакаш да слушнеш како им минал изминатиот период, кои се плановите за иднината и на искуства на кои се сеќаваш од претходните средби.
Заедничките вечери во кафеана, кои обично завршуваат со песна и смеа, создаваат спомени кои остануваат, па секогаш со нетрпение очекувам да го посетам мојот роден град.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело