Ричард (22) од Лондон се пресели во Македонија: „14 пати доаѓав тука, пред да одлучам да живеам во вашата фантастична земја“
- Детали
- сабота, 06 септември 2025
„Официјално се преселив во Македонија во јуни оваа година. Првпат дојдов во 2020 година за време на Ковид и веднаш забележав дека ова е фантастична земја. За учењето македонски јазик имам мала предност. На факултет студирав руски, унгарски и украински, па веќе можам да читам сè и разбирам ги повеќето разговори“, вели Ричард Хејвард (22) јутјубер, од Лондон, Велика Британија.

Ричард Хејвард (22) од Лондон, Велика Британија, по завршувањето на факултетските обврски, во јуни 2025 се пресели во Македонија.
Сега нашата држава му е дом, а тој гради кариера на јујубер.
Неговата приказна ја споделува за за CRNOBЕLO.com.
Од кога живееш во Македонија и зошто Македонија?
Официјално се преселив во Македонија во јуни оваа година и среќен сум што можам да соопштам дека добив резиденција.
Но, ова е мојот 14-ти пат тука, првпат дојдов во 2020 година за време на Ковид и веднаш забележав дека ова е фантастична земја со многу откриени, но и неоткриени потенцијали.
Кога ја завршив универзитетската година во Лондон и дипломирав, одлучив да го започнам својот канал на Јутјуб @SideQuestMerchant и Македонија беше совршено место за тоа.

Што најмногу ти се допаѓа овде?
Слободата. Македонија е вистинска земја на слободата, каде што, барем како јутјубер, тоа што можам да си го замислам, можно е да се оствари.
Некои идеи бараат многу повеќе време и труд од други, но имам одличен тим во Македонија и тие ги остварија и некои од моите најлуди идеи... како што ќе видите во видеата.

Што не ти се допаѓа овде?
Тешко е да кажам не ми се допаѓа, бидејќи не мразам ништо.
Но, да, јас сум Британец и летната жега во Македонија е неверојатна. Понекогаш ми недостигаат оние редовни облачни и дождливи денови.
Што работиш за живот? Колку е пониска цената на животот во Македонија отколку во Англија?
Јутјубер сум и целосно посветен на правење видеа тука во Македонија.
Навистина е точно дека цената на животот е пониска во Македонија, иако цените се зголемени значително од 2020 година, но сè е релативно.

Какви се разликите меѓу Македонците и Британците кога станува збор за љубовта, пријателите и работата?
Па, Британија сега е супер разновидно место, дури не знам дали постои некакво општо дефинирање. Всушност, тоа е одлично прашање.
Македонија има многу силен идентитет и тоа е освежувачки да се види и сакам да се интегрирам.
Исто така, Македонците секогаш биле многу гостопримливи и ми помогнаа многу кога првпат дојдов.

Кои навики на Македонците ти се најинтересни?
Кафето.
Во оваа земја се пие страшно многу кафе, а како сите пијат кафе дури и во 22 часот навечер?

Твоето омилено место во Македонија...
Охрид ми е навистина убав – тоа е вистински бисер на Македонија, но јас сум градско момче родено и воспитано.
Скопје е мојот нов дом и нема ништо како да се биде во Центар, вечерта, точно до Александар Македонски и да гледаш што се случува во градот.

Колку често одиш дома? Дали некој од твоето семејство ја посетил Македонија?
Во септември ќе одам дома на три недели, поради мојата дипломска церемонија, но инаку ќе бидам тука.
Имам бизнис што треба да се води, знаете. И искрено, ова лето работевме 18 часови секој ден за снимање содржина – било да е тоа снимање, сортирање на видеа, работа со едитори или седење и средување на логистиката за мојата следна идеја.
Но, моето семејство ќе дојде во ноември за првпат, па едвај чекам да им покажам во живо сè што видоа во видеата.

