Ердован и Емине од прилепско се занимаваат со земјоделие: „Во лето стануваме и во 1 по полноќ за берење, работата не е лесна“
- Детали
- среда, 03 септември 2025
„Најголем предизвик е тоа што ги вложуваш парите и не знаеш колку ќе заработиш. Како ќе се погоди годината, така ќе поминеш. Одгледуваме пченица, сончоглед, бостан тутун и пипер“, открива Ердован Исламоски од прилепското село Канатларци, кој со сопругата се занимава со земјоделие.

Ердован Исламоски (30) и неговата сопруга Емине (29) се занимаваат со земјоделие.
Во брак се скоро 14 години и живеат во селото Канатларци, во околината на градот Прилеп.
Ердован, кој вели дека сите го знаат како Ердо, работи и како секретар во училиштето во Канатларци. На сопругата Емине, главна окупација ѝ е земјоделството.
За тоа како се родила идејата за овој бизнис, како се справуваат со предизвиците, но и кои се добрите страни на обработувањето земја, Ердован открива во интервју за CRNOBELO.com:
Како се роди идејата да почнете да се занимавате со земјоделство со сопругата? Дали го наследивте бизнисот или почнавте сами?
Татко ми во 2007 од нула започна со земјоделие, па така и јас со сопругата продолжуваме по неговиот пат.
Кои култури ги одгледувате? За што има најголема побарувачка кај нас?
Одгледуваме пченица, сончоглед, тутун, бостан и пипер. Самиот пазар те тера да одлучиш што да одгледуваш.
Моментално најбаран и најисплатлив е тутунот. Пченицата неколку години е со многу ниска цена, ама се справуваме некако.
Кои се најголемите предизвици со коишто се соочувате како млади земјоделци во Македонија? Што би сакале да се промени/подобри?
Најголем предизвик е тоа што ги вложуваш парите предвреме и не знаеш колку ќе заработиш, чекаш од ведро небо, како ќе се погоди годината, така ќе поминеш.
Ние, како млади земјоделци, се соочуваме со тоа што ќе сработиш многу, но на крај немаш стабилен пазар.
Освен тутунот, другите култури не знаеш ни по која цена, ни дали ќе успееш навреме да ги продаваш, па да си ги вратиш парите.
Како млади земјоделци, сакаме да има пласман за тоа што го произведуваме и да има добра цена за тоа.
Кој дел од работата ви е најтежок, а што ве исполнува најмногу?
Земјоделието не е лесно, но најтежок дел е тоа што треба да се станува на полноќ за берење тутун - тутунот е тежок за работа.
Тоа што нè исполнува најмногу е моментот кога ќе видиме дека имаме успешна сезона и сето тоа е професионално сработено.
Како изгледа еден ваш просечен работен ден? Дали работите сами со сопругата или имате помош/вработени? Дали има простор за одморање за време на викенди, празници…
Нашиот ден започнува рано сабајле, преку летото и во 1 часот по полноќ се почнува со берење тутун.
Јас не одам на берење тутун, одат моите родители и сопругата со сезонските работници. Јас останувам дома за да ги завршам другите работи кои ги имаме преку цел ден.
Потоа јас одам на работа, тие одмараат преку денот, па во попладневните часови гледаме ако има други некои работи да се сработат или да одиме втора смена на берење тутун.
Ова важи за летниот период, кога имаме 3 култури за работење, и тоа тутун, бостан и пипер.
За пченицата и сончогледот имаме еден помошник, а работиме и јас и татко ми – тоа повеќе се работи машински, така што тука немаме толку оптоварување,
За одморање, нормално, човек ако сака може да најде време за одмор. Ние имаме време и на одмор одиме и на шетање одиме. Човек ако сака, без разлика која површина работи, може да најде време за одмор.
