Љубовната приказна на Иџе и Емилија: „Заедно сме од средно, утрото на свадбата возев квалификации за трка“
- Детали
- понеделник, 24 ноември 2025
„Со Емче учевме во исто училиште. Бевме втора година и се загледувавме еден во друг. И дојде ситуација да ме поканат на нејзиниот роденден, мој другар ме викна да одиме кај неа, и некако тогаш се појави таа енергија меѓу нас, некоја хемија, која трае до денес“, вели Иџе за CRNOBELO.com за љубовта со сопругата.

Трикратниот европски шампион во ридско-планинскки трки, Игор Стефановски Иџе, од 15 години е во љубов со сопругата Емилија. Се запознале во средношколските денови, заедно израснале, а во 2007 година стапиле во брак.
На денот на свадбата, Иџе возел квалификации за трка на Водно, од чија победа не му зависела само титулата, туку и добивањето на Златната кацига - трофеј што се доделува за три последователни шампионски титули, а кој денес стои во неговата витрина со бројните трофеи што ги освоил низ годините.
И додека Иџе се тркал, неговата Емче му била вистинска поддршка - и во животот и во кариерата.

За нивната љубов, која трае скоро три децении, Иџе раскажа за CRNOBELO.com:
Како почна вашата љубовна приказна, кој од вас го направи првиот чекор?
Интересна работа е што со Емче учевме во исто училиште. Мислам дека бевме втора година средно, се загледувавме еден во друг и јас и таа.
И дојде ситуација да ме поканат на нејзиниот роденден, мој другар ме викна да одиме кај неа и некако тогаш се појави таа енергија меѓу нас, некоја хемија, која што трае до ден денес.
После роденденот почнавме да се слушаме, да се гледаме. Цел живот сме заедно, уште од деца, од наши 15 години.
Таа навистина е жената којашто е мојата втора половина.

Со што те освои сопругата?
На прв поглед, со убавината. Таа беше нежна, симпатична девојка, повлечена во тој момент.
А ме освои со размислувањето, зашто уште во тоа време отскокнуваше од девојките што сум ги имал до тогаш.
Имаше моменти кога се каравме во тие детски денови, но мора да признаам дека таа е причината што сме заедно и секогаш се бореше да бидеме заедно.
Ја почитувам многу, а љубовта ни е и денес на исто ниво како што беше во тие прво месеци.

За што сте се расправале најмногу додека бевте тинејџери?
Не сме се карале нешто многу, но мој голем проблем беше што не бев одговорен.
Имало ситуации кога ме чекала дома да одам да ја земам, а јас ќе заспијам уморен, зашто сум работел на тркачките коли.
Кога бевме дечко и девојка, таа ќе се спремеше за излегување, а јас ќе заглавам во гаража и толку.
Мислам дека во тој период најмногу ми беше лута поради тоа.
Денес скоро и да немаме несогласувања, можеби некои мали работи.
Како што кажав, тврдоглав сум и сакам да истраам во нешто што сакам да го направам, макар и на моја штета, а таа знае да ми каже да ги оставам работите, да ги тргнам на страна, да не се нервирам, па можеби за тие работи.

Раскажи ми за моментот кога ја побара за сопруга. Дали имаше подготвено некакво изненадување?
Интересен момент е. Ја побарав за сопруга кога дипломираше на факултет - нејзините родители ме повикаа на ручек и тогаш ја побарав за жена.
Убав момент кој се овековечи со две прекрасни деца.

