Љубовната приказна на Иџе и Емилија: „Заедно сме од средно, утрото на свадбата возев квалификации за трка“
Дали нејзините знаеја дека ќе ја бараш за сопруга или и тие беа изненадени?
Не знаеше никој. Мајка ми беше иницијатор на тоа.
Еден ден ме седна и ми вика: „Игоре дај, наша си е, и така цело време е дома, цело време сте заедно. Не сакам да се направи некоја работа поради која во тие детски денови може да се искарате за глупости“.
И навистина направив еден вистински избор и благодарен сум ѝ на мајка ми, која во тој период, на мои 22 години ме посоветува да ја побарам Емче.
Не клекнав на колено, не покажувам толку емоции јас за такви работи, но имав прстен и букет и сите беа навистина изненадени позитивно, нормално, и нејзините и моите.
Направивме веридба, си дојде кај нас дома, и оттогаш не сме разделени.

Кој е некои интересен момент од свадбата на кој се сеќаваш со мерак?
Ха, ха, од свадбата се сеќавам најмногу дека имав трка во тој период.
Знам дека на денот кога правевме свадба, имав трка на Водно и мора да го возам, бидејќи од тоа ми зависеше освојувањето Златна кацига.
Ако имате три последователни шампионски титули, добивате Златна кацига. И ми фалеше таа година за да ја освојат третата титула, односно Златната кацига.
Кога го договараа терминот за свадба, ми кажа дека закажале на 05.05, и им реков „Сè е во ред, ама јас трка имам, нема шанса“.
Но, немаше друга опција, сите ресторани и хотели беа зафатени, а ние во Александар Палас правевме.

Јас им реков „Јас ќе возам трка“ и така беше.
Дома имавме гости, знам сите дојдени, роднини музики, а јас на трка на Водно, возев тренинг.
Ме пушти организаторот да возам прв, па кога завршив ме пречекаа брат ми и другарите што ми го одржуваат вазилото, па преку Пантелејмон се симнавме, дојдовме дома, се истуширав, се облеков, отидовме по невеста.
Свадбата се заврши, вечерта во хотел, и од хотел јас во тркачка комбинезон, директно на Водно.
И беше интересно, имавме една пријателка која работеше на рецепција, ме гледа во комбинезон тркачки со кацигата, се симнувам. Ми вика „Каде Иџе?“, а јас ѝ реков да одам на трка.
Памтам дека како излеговме од хотел, ја оставив Еми кај неа дома, а јас продолжив на трка. И победив.
Што е најинтересно, направив рекорд, и после тоа пак забава вечерта.

Имате син и ќерка. Колку нивното раѓање ви ја цврсти поврзаноста, љубовта?
Не многу, зашто нашата љубов отсекогаш била јака, цврста и се надавам така ќе остане.
Знаеш како е, во вашиот живот доаѓаат моменти, кои се навистина битни и значајни.
Од тогаш, можеби сме ете повеќе посветени како родители, да сме повеќе фокусирани кон нив, зашто целта ни е да израснат во прави личности и кон тоа се стремиме и јас и Еми, да знаат што значи животот, да почитуваат, да имаат респект према секој, но да си се достоинствени до она што сакаат да го прават.
И, можеби, од една гледна точка, како спортист, кој постигнал многу, ете, трипати сум Европски шампион, и покрај сè она што сум го постигнал, навистина сум горд, бидејќи децата се многу скромни и не сакаат да се истакнуваат во однос на нивните врсници или другари, и сум пресреќен поради тоа.

Која е тајната на успешниот брак, според тебе?
Па, разбирање, отвореност, разговарање за сите можни проблеми, почит еден кон друг, доверба...
Мислам дека највеќе се темели на тоа. Доколку имате доверба, почит и разбирање, мислам дека хармонијата дома ќе биде навистина убава.
Јас трудам секој со Еми и со децата да го постигнеме тоа.

Колку често доаѓа таа со тебе на трките? И колку ти е чувството различно кога се таа и децата покрај тебе на трка, во споредба со она кога си само со твојот тим?
Еми кога може - доаѓа. Имало периоди кога не можела да доаѓа, но има и сезони кога доаѓала често.
Од една страна ми е убаво, кога ќе дојдат и Олег, и Нина, и Еми, и сите мои блиски што ги знам, но од друга страна ми е многу потешко кога ми се тука.
Пробувам да ја скријам таа емоција на страв што ја имам, бидејќи се плашам и за нив.
Ова не е спорт каде што ќе победите или изгубите, ова е спорт каде што може да го изгубите и животот, бидејќи навистина многу мои колеги го имаат оставено животот на тие трки и е еден екстремен спорт кој носи страв со себе.
Од таа гледна точка, сакам секогаш да ги релаксирам, да не размислуваат на тоа, бидејќи самата атмосфера прави стравот да владее кај сите што се околу.
Најдобро ми е кога сум сам, кога немам блиски луѓе околу мене, бидејќи ме растеретува од тој дел и сум фокусиран само на трката.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
