Алек Петровски ги урива предрасудите дека моторџиите се т.н. „грубијани“ и луѓе кои не се социјално вешти
- Детали
- четврток, 25 септември 2025
Во нашето општество и понатаму постои стигма дека моторџиите се т.н. „грубијани“ односно луѓе кои не се социјално вешти и генерално не можете да ги најдете во интелектуалните кругови. Но, луѓето како Александар Петровски го покажуваат токму спротивното и ги уриваат предрасудите поврзани со оваа група на луѓе.

Александар Петровски со голема успешност работи како евент менаџер во компанијата за организација на настани Congress Service Center. Остварува врски со големи клиенти од земјата и од странство, ги разбира нивните потреби и организира мали и големи настани насекаде низ светот, а луѓето кои го познаваат го сметаат за голем професионалец и вистински пример за човек кој е докажан во секој аспект од работата. А сепак, кај неговите најблиски тој е познат како страстен моторџија авантурист со огромна желба за возење и истражување.
Да, Александар не изгледа како типичниот „моторџија“ кој го гледаме во филмовите. Ама токму тоа е и поентата – дека не секогаш луѓето со исти интереси мораат да изгледаат исто, да размислуваат исто, да постапуваат исто.

„Си ја сакам работата и навистина уживам кога сум исполнет професионално. Ми годи работата со клиенти, динамиката на самото работно место и можноста да запознавам различни луѓе. Но, понекогаш ми е потребна промена на ритамот. Возењето мотор ми го дава токму тоа – она чувство на адреналин и авантура кое е уникатно со секое наредно возење, на секои 20-тина изминати километри се се менува, мирисот, температурата, пејсажите како и условите за возење, а тоа придонесува до спокојство и чувство на слобода. “, вели Александар.

Стереотипот дека моторџиите се груби луѓе, самци, кои не припаѓаат во корпоративните и професионалните средини е само уште една лажна претпоставка, која требаше да ја оставиме зад нас уште во минатиот век. На крајот од денот, зарем суштината не е поважна од формата? Зарем не треба некого вистински да го запознаеме пред да изнесеме негативно мислење за него?

Дел сум од мото клуб од Скопје, MCC Free Spirit, кој во моментот има 11 членови, клубот организира различни тури за возење и уживање, но и хуманитарни акции, даруваме крв 2–3 пати годишно, помагаме на семејства и поединци на кои им е потребна помош, посетуваме хуманитарни акции организирани од други клубови.

„Возењето мотор ме има однесено на чудесни места - не само географски, туку и емотивно. Мојата страст доаѓа длабоко однатре и ја негувам затоа што прави да се чувствувам целосен. Не гледам зошто не би можел успешно да балансирам помеѓу професионалните обврски и љубовта кон возењето, без разлика на тоа што мислат луѓето околу мене. Оние кои ме познаваат, знаат дека нема да се откажам од возењето мотор, поради тоа што не гледам ништо лошо во тоа“, додава Александар.

Можеби е време еднаш и засекогаш да се ослободиме од предрасудите дека преку облеката, изгледот, навиките може да дознаеме се’ за еден човек. Ние, луѓето, сме толку сложени суштества полни со размислувања, желби и ставови, а не само предмет кој треба да се набљудува отстрана. Предрасудите и стереотипите не се факт, ниту пак доказ. Туку тие се товар на модерното општество. Товар од кој мора да се ослободиме за вистински да се поврземе.

Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.