Христијан Проданов среде поплавите во Виетнам за CRNOBELO: „Дојдов на турнир во билијард, чекорам во вода до глуждови“
Поради тоа што не можев баш многу да ја издржам топлината, отидов на бербер уште првиот ден во Ханој. За мое чудо, берберницата беше екстра професионална, вработените облечени во костуми, со честење кафе, благо, што би рекле „со сите нишани“.
Сè уште имам брада, без паника, меѓутоа малку е пократка

Поплавите беа планирани за утрото на 6-ти октомври, според информациите на Google и ChatGPT. Меѓутоа како и секој метеоролог, и тие знаат да погрешат.
Понеделникот беше прилично пријатен, со краткотрајни врнежи. „Јакото“ на тајфунот Матмо дојде ноќта кога сите се вративме дома.

Пороен дожд со грмежи и молњи кој не престана до следното утро. Со тоа дојдоа и поплавите, а и откажувањето на почетокот на турнирот што беше планиран за 7-ми октомври.
Поплавен беше повеќе од половина град, а таму беше вклучен и влезот на салата каде се одржува Ханој Опен.

Искрено мене ова ми е преинтересно искуство и мислам дека токму ова го очекував.
Зборувам за искусувањето на Ханој како локалците, затоа што тоа за нив е секојдневие, посебно во сезона на монсуни.

Секако, мора да се внимава повеќе само затоа што нашиот организам не е „програмиран“ на вакви услови, па може да дојде до некое заболување.

Локалците се премили, прекултурни и претопли во поглед на прифаќање на туристи.
Сите се насмеани, сите те поздравуваат, некако како да си веднаш дел од нив.
